Македонија
6. October 2017 - 14:10

Одбележани 73 години од стрелањето партизани и селани во Прждево и Бесвица

Со полагање цвеќе пред споменикот на Прждевски Лаки и спомен чешмите во селата Бесвица и Прждево претставници од Општинската организација на Сојузот на борци од НОВ од Неготино и граѓани продолжувачи денеска  ја одбележаа 73-годишнината од стрелањето партизани и селани во селата Прждево и Бесвица.

Претседателот на ОО Атанас Најдов информираше дека предвесник на крвавата одмазда било формирањето на Деветтата народноослободителна бригада на 22 август 1944 година, диверзантските акции на железничката линија на потегот од Неготино до Гевгелија и повлекувањето на германските сили од Грција. Согласно директивата на Главниот штаб, штабот на бригадата на 5 спрема 6 октомври испланирал минирање на железничката линија во должина од 150 метри во месноста Прждевски Лаки. Мините биле поставени на одредено место, зафатените вагони биле уништени и загинале околу 90 војници, а имало и многу повредени и ранети.

- Германските војници од првите неуништени вагони брзо се созеле од шокот и зазеле борбени позиции и почнале да го пребаруваат теренот околу минираното место. Во нивната акција заробиле десетина партизани и ги обесиле на околните телефонски столбови со главите надолу. Крвавата одмазда продолжила, а германските војници секавично ги блокирале Прждево и Бесвица, соопшти секретарот Петар Стефанов.

Почнале со претрес низ куќите, биле убиени петмина мажи, а 60-тина селани биле одведени на височина над селото. Германците пукале во насобраните селани, палеле куќи и пљачкосувале. Кога го напуштиле селото, од купот стрелани биле извлечени неколкумина тешко ранети. Некои подоцна им подлегнале на повредите во партизанската болница.

На 6 октомври истата судбина го снашла и селото Бесвица. При претрес на селото Германците нашле динамит и труп на нивни војник, па збеснале и собрале 43 селани кои ги одвеле надвор од селото и ги стрелале.

Во селото Бесвица биле стрелани 40 селани од турска националност, а во Прждево 18 селани. На мермерните плочи на спомен чешмите во двете села се испишани имињата на стреланите жртви на крвавата фашистичка одмазда.