Од игри на улицата до дружење во виртуелен свет – животот на децата некогаш и сега
Велат, детето се раѓа како бел лист и што ќе се пишува на него зависи од родителите и околината. Но, понекогаш времето со себе носи промени кои влијаат на однесувањето на децата многу повеќе од секој родител на овој свет.
Минатите децении децата со сигурност растеле и созревале во многу поинакви услови од денешните пубертетлии. Со развојот на современата технологија и зависност што се создава кај децата од неа, честопати се поставува прашањето, дали децата денес се попаметни затоа што користат паметни уреди и позрели затоа што се во постојан контакт со медиумите?
Студентот Маја Тодоровска вели дека со задоволство се сеќава на нејзиното детство во 90-тите, затоа што постојано имала време за забава со другарите од маало, играле џамлии или миженка, а во родителите гледала авторитет.
– Мајка ми не беше вработена па секогаш имаше време за мене. Уште од најмала возраст ми читаше сликовници. Се знаеше кога е време за ручек, кога за вечера, а кога за спиење. Подоцна во пубертет се знаеше и од колку до колку најдоцна смеам да се задржам на игранка. Ме учеше да ги почитувам постарите. Да им ослободам место во автобус. Да кажам извини кога ќе згрешам и благодарам кога нешто ќе добијам, вели Тодоровска.
Во споредба со денес, таа смета дека воспитувањето станува поинакво.
– Денес како веќе да не постојат никакви правила или навики, децата се послободни од кога било. Не знаат за авторитет и почит. Не го исполнуваат времето надвор, го трошат пред мобилен телефон, вели Тодоровска.
Љубица Петрова, мајка на две деца, вели дека додека првото дете го учела да вози велосипед, шетале во парк и слушале „Златно славејче“, ова второво се буди и заспива со паметен телефон во рака. Загрижена е најмногу и што од зголемени работни обврски денес, не може ни да му посвети доволно внимание.
– Се чувствувам како да немам многу влијание врз моето дете. Единствените „учители“ му се популарните „инстаграмџии“ и „јутјубери“. Тешко е да развие интерес за нешто посериозно. И покрај тоа што е во пубертет, како да нема амбиција или план за нејзин живот, туку живее од денес за утре. Најмногу се запрепастувам кога ќе отидам на родителски состанок. Родителите тогаш се расправаат со учителката, со другите родители и сметаат дека нивното дете е најдобро и само тоа треба да има петки. Во меѓувреме, нивното дете расне во неспособна, незрела и пасивна индивидуа, додава Петрова.
Музика на телефон, гуглање, слики и разни апликации како начин на живот
Петрова вели дека нејзината ќерка денес премногу се грижи за својот изглед, држи разни диети, чита совети на интернет, заразена е со разни апликации и се обидува да изгледа „совршено“ и прифатено на социјалните мрежи. Сепак, не верува дека ќе може да ја смени. Едноставно, како што вели, светот функционира на тој начин.
– Мојата ќерка и нејзините соученички најголем дел од времето го користат на социјалните мрежи. Слушаат музика несоодветна за нивна возраст. Се облекуваат пресериозно и излегуваат во доцни часови од дома. Секоја вечер ја мислам каде е и во колку часот ќе се врати, но сепак, се чувствувам беспомошно. Не можам да ја сменам. Сите нејзини пријателки функционираат на тој начин. Тоа е тој тренд што зема се поголем замав. Со првата ќерка се чувствував поспокојно, тогаш немаше излегување толку доцна и таа не живееше во виртуелен свет, додава таа.
Повеќе од очигледно е дека децата денес го гледаат светот со поинакви очи. Вредностите полека, но сигурно, се менуваат.
Психологот Маријана Марковиќ за МИА вели дека кога се зборува за разлики меѓу исти возрасни категории од различни временски периоди, најмногу треба да се имаат в предвид општествено-економските и политички околности.
– Генерациите пред 90-тите години на минатиот век созреваа во социјалистичко општество што се карактеризира со колективност и рамноправност, 90-тите беа години во кои се случуваше распадот на Југославија, војни во соседството, осамостојување на Македонија, друг политички систем, приватизација, пазарна економија, се распаднаа гиганти, луѓето останаа без работа, наспроти колективитет, вредност стана индивидуалитетот, издвојувањето од другите, вели Маркоиќ.
Таа потсетува дека почетокот на првата деценија на овој век беше одбележан со вооружен меѓуетнички конфликт, што во годините добиваше различни облици. Според неа, тоа се исто така клучни елементи поради кои настапила промена на ставови и вредности кај децата, како и промена на моделите за идентификација.
На што се угледуваат децата денес?
Психологот потенцира дека најголема промена е начинот на кој децата ги перципираат современите уметници.
– Ако порано модели за идентификација беа ликови од науката, уметноста и културата, сега модели за идентификација се старлетите, како и оние кои ги кршат колективните вредности (закон, морал) за сопствена корист, вели Марковиќ.
Денешните пубертетлии слушаат многу поинаква музика во споредба со претходните генерации, а најновите идоли им се Инстаграм инфлуенсерите и таканаречените „јутјубери“. Сето ова за децата од 90-тите години на минатиот век беше непознат поим. На прашањето колку овие промени влијаат на развојот кај денешните децата, психологот Марковиќ вели дека технолошкиот напредок сам по себе не е ниту добар, ниту лош, доколку во воспитувањето, грижата и љубовта се присутни родителите.
– Пубертетот е период од развојот каде настапува оформување на идентитетот преку испробување на различните социјални улоги. Во овој период, активно се оформува сликата за себе што го вклучува физичкиот „селф“. Социјалните мрежи имаат потенцијал да влијаат врз сликата за себе и имаат тешкотии за прифаќање на реалниот „селф“ и разочарување доколку не се постигне идеалниот „селф“. Сето ова е апсолутно нереално, затоа што се постигнува преку употреба на различни филтери и алатки, вели таа.
Маријана објаснува дека е потребно да се поттикнува прифаќањето на реалниот „селф“ во „офлајн“ живеењето што се постигнува преку позитивно родителство, врсничка поддршка (наспроти врсничко насилство), стимулирање на општествена одговорност, промовирање на хумани вредности во образовниот процес и медиумите.
Технологијата е занемарлива ако е присутна грижата од родителите
Денес на родителите им се достапни многу информации и совети како најдобро да го воспитуваат своето дете, како да ја развиваат неговата самодоверба, но и да ги научат како вистински да ја користат технологијата. Паралелно со тоа, денес постојат се поголем број на можности и начини како да се помине времето со своето дете. Но, загрижувачки е фактот што најчесто наидуваме на родители, кои едвај успеваат да ги организираат семејните активности поради пренатрупани распореди и преоптовареност со сопствени приватни и работни обврски и често едвај успеваат да ги организираат сите семејни активности.
Сепак, современите родители од преобемните информации се губат во лавиринтот на воспитните мерки и не знаат кој е најдобриот начин на воспитување кај децата.
Марковиќ наведува дека има различни родителски стилови – попустлив, индиферентен, авторитарен и авторитативен. Според психологот, авторитативниот е најпосакуваниот стил. Но, и покрај различноста на стиловите, Маријана истакнува дека може да се забележи тенденција кај родителите да настојуваат нивните деца да бидат најдобри, подобри од другите.
– Ваквиот пристап не се базира на следење на детските можности и потреби, туку на споредување со другите. Тоа доведува до одземање на детството, децата го губат слободното време кое е неопходно за раст и развој, се носат на најразлични активности и тоа станува вредност. Во ваква компетативна средина децата се ставени во предизвик да одржуваат позитивни врснички релации.
Според податоците на психологот, се повеќе родители отсуствуваат од дома, нема работно време од 7-15.00. Токму поради тоа, наведува Маријана, децата се препуштени сами на себе, сами да се справуваат со развојните кризи, што свој одраз наоѓа врз емоционалното зреење кај децата.
– Поради се поголемо отсуство на родителите, децата се изложени на содржини, кои како резултат на развојните карактеристики, не се во можност да ги разберат и да ги совладаат. Ова нормално доведува до стрес кај децата, а во одредени ситуации и долгорочна траума. Од ова произлегува дека самиот технолошкиот напредок како таков, не е ниту добар ниту лош, доколку во воспитувањето, грижата и љубовта секојдневно се присутни родителите. Само со секојдневна грижа од страна на родителите кои се залагаат да го насочат детето на вистинскиот пат, технологијата нема да има штетни последици кај децата, објаснува Марковиќ.
Бисера Трајковска/МИА
Ново на Сител
-
Опасност од нови силни врнежи: Жителите на Валенсија повикани да останат во своите домови
-
Новинарка во Скопје добила закани на социјалните мрежи
-
Пријава за сомнение за киднапирање на дете
-
Четворица мртви и 17 повредени во верижен судар во Мичиген
-
Силен земјотрес од 5,2 степени го погоди Халкидики
-
Орбан: Победата на Трамп ќе ја натера Европа да ја преиспита поддршката за Украина
-
Мајка пријавила во полиција обид за грабнување на нејзината тригодишна ќерка
-
Ембер и Зверев во финалето на Мастерсот во Париз