Обвинителството поднесе жалба за куќниот притвор за Асмир Јахоски
Жалбата за куќниот притвор за сопственикот на Пуцко Петрол ,Асмир Јаховски е примена во Кривичниот суд, а Кривичниот совет во текот на наредните денови ќе одлучи дали ќе му го заменат домашниот со ефективен притвор на осомничениот во акцијата “Мазут” Јаховски, како што бара Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение, информираа од Обвинителство за организиран криминал.
Од Обвинителството претходно соопштија дека тие побарале притвор за Јаховски, но биле одбиени. Во соопштението на Кривичниот суд пак од 11.03 стои дека јавниот обвинител се согласил за промена на ефективен притвор за куќен притвор за Јаховски, што било прифатено од судија на претходна постапка.
Образложението на судот било дека имал четири деца, нарушено здравје и силни врски со државата.
Само на Јаховски, кој е син на актуелниот пратеник од ДУИ, судот му одреди куќен притвор. Осомничени се уште 13 лица за злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари, за набавка на канцероген мазут со кој го загадувале воздухот. На тројца судот им одреди ефективен притвор во Шутка, меѓу кој и бизнисменот Ратко Капушевски, додека на останатите седумина им се одземени пасошите. Екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој покрај овој предмет, е осомничен и во предметот Адитив, е во бегство веќе неколку месеци.
Покрај злоупотреба на службената положба и перење пари, истрагата треба да покаже дали осомничените ќе одговараат и за екоцид- едно од најтешките кривични дела во КЗ за кое максималната казна е доживотен затвор.
-
Тамара Дичоскa
Сите содржини од овој новинар