Свет
14. September 2016 - 10:23

Обама планира да го зголеми приемот на бегалци во САД

Владата на американскиот претседател Барак Обама планира зголемување од 30 проценти на приемот на бегалци во САД во текот на следната финансиска година, пишува весникот „Волстрит журнал“, кој се повикува на годишниот извештај за бегалци, претставен во Конгресот. 

- Во следната финансиска година, која почнува на 1 октомври во САД ќе бидат примени до 110 илјади бегалци, во однос на 85 илјади оваа година, изјави американскиот државен секретар Џон Кери, претставувајќи нови податоци на затворената седница со членовите на комисиите за правни прашања во Претставничкиот дом и Сенатот, додава весникот. 

- Околу 40 илјади бегалци, кои ќе бидат примени следната година ќе бидат од Југоисточна Азија и Блискиот Исток, вклучувајќи ја Сирија, а речиси 35 илјади ќе бидат од Африка, предвидено е во извештајот.

Претходно американскиот Стејт департмент посочуваше дека до крајот на тековната финансиска година САД ќе примат на своја територија најмалку десет илјади бегалци од Сирија.