Кошарка
21. October 2016 - 9:15

Нов играч во МЗТ Скопје

Кошаркарскиот репрезентативец на Велика Британија, Даниел Кларк (28 год., 210 см.) е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако во четвртокот и официјално ги заврши сите формалности околу потпишување договор со актуелниот македонски шампион.
 
Даниел Кларк изминативе десетина години настапуваше во силната шпанска АЦБ-лигата и тоа почнувајќи од тимот на Естудијантес, каде што пред точно една деценија го имаше сениорското деби на 18-годишна возраст, преку Бреоган во следните две сезони како позајмен играч, Лаборал Куча, Сарагоса, Фуенлабрада до Андора Морабанк, каде што во минатиот шампионат настапуваше заедно со македонскиот репрезентативец, Војдан Стојановски.
 
Кларк летово беше дел од селекцијата на Велика Британија, за која дебитира во 2009 година и со која играше на ЛОИ 2012 во Лондон, во квалификациите за ЕП 2017, каде што беше во иста група со Македонија.
 
Новиот член на аеродромци на шесте одиграни средби оствари завиден просек од 13,7 поени и 4,7 скока и тоа за нецели 20 минути поминати на паркетот. Британците, кои се пласираа за следниот континентален собир, остварија победи во двата меча против жолто-црвената селекција (96-79 дома и 89-62 во Кавадарци). Кларк на првиот дуел постигна 10 поени (2/4 за 3п, 1/4 за 2п, 2/3 за 1п) заедно со осум скока и четири асистенции додека на втората средба беше уште порасположен со учинок од 21 поен (4/7 за 3п, 4/7 за 2п, 1/1 за 1п) и пет скока.
 
Британецот во таборот на МЗТ Скопје Аеродром доаѓа на местото на Џеремаја Мејси, со кого неодамна беше раскинат договорот. Неговото деби во сино-белиот дрес се очекува веќе в недела против Карпош Соколи на домашен терен во рамки од 6. коло од АБА-лигата.