Македонија
13. March 2025 - 14:55

Почина ортопедот д-р Глигор Џолев

Со длабока тага и неизмерна болка ја споделуваме веста за заминувањето на нашиот сакан д-р Глигор Џолев, истакнат ортопед, посветен татко, дедо и сопруг.

Професор д-р Џолев е роден 20.07.1944 година во Струмица  и целиот свој живот го посвети на медицината, несебично помагајќи им на своите пациенти со стручност, човечност и искрена грижа. Од 1972 година до 2009 година работеше, и своевремено бил Директор, на Ортопедската клиника во Скопје, како и редовен Професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Покрај својата кариера, проф. д-р Џолев беше столбот на своето семејство – посветен сопруг, грижлив татко и горд дедо, како и пријател на голем број Скопјани. Со својата мудрост, добрина и благородност остави неизбришлива трага во животите на најблиските.

Неговото заминување е огромна загуба, но спомените за неговото дело и љубовта што ја ширеше ќе живеат вечно. Заради сето тоа, како семејство ги информираме сите негови познаници дека на 15.03.2025 година во 11:00 часот на гробиштата Бутел, д – р Џолев ќе биде испратен во вечното почивалиште.

Со последна почит, од семејството.