Македонија
12. March 2025 - 12:23

Црвен Крст на Македонија иницира носење на нов закон за волонтерство

Генералниот секретар на Црвениот Крст на Македонија, најави дека иницирале носење на нов Закон за волонтерство, зашто постоечкиот не остава простор за развој на волонтерската работа.  Анализите покажуваат дека тешко се спроведуваат актуелните законски обврски и младите колку и да сакаат да волонтираат, немаат каде, а сами ретко се организираат.

-Законот за волонтирање во државата за жал е стар, ако се земат во предвид динамиката и развојот на настаните во едно современо општество кој е стар некаде околу 15 години и навистина не е овозможувачки, односно, не остава голем простор за развој на волонтерската работа. Од тој аспект ние веќе направивме неколку наши иницијативи и наскоро очекуваме и во Собранието да одржи јавна расправа, на која би се дискутирало за потребата од менување на Законот за волонтирање, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на Македонија.

За разлика од кај нас, во западно европските земји, волонтерската работа многу се цени, па и во интервју за работа, волонтерите имаат приоритет.

-Во делот на признавање на трудот на волонтерот да се овозможат одредени бенефиции, така да ги наречам, кои ќе бидат поттик за сите да се вклучат во волонтерската работа. Се надевам дека преку тие измени што би ги направиле во идниот Закон за волонтирање сето тоа ќе се земе во предвид и би направиле подобар амбиент за волонтирање во нашата држава, додаде Саити.

Волонтерската работа не се плаќа, но затоа пак постои потреба од мотивација, пред се на младите луѓе, со соодветно и долгорочно планирање на волонтерскиот капитал од страна на организациите и институциите.