Македонија
4. March 2025 - 12:22

Се зголемува бројот на пациентки со рак на дојка

Се повеќе се зголемува бројот на пациентки со рак на дојка и тоа под 30- годишна возраст. За спречување на оваа веќе алармантна состојба потребна е едукација и подигнувањето на свеста за оваа болест. Ова беше потенцирано на трибината во Прилеп која е дел од кампањата на здружението на пациенти „Хемо Онко“ која кампања опфаќа од дијагноза, преку хируршки зафат, се до реконструкција на дојка, а истата е по иницијатива на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје.

„За жал, сѐ повеќе имаме пациенти со рак на дојка. Сакаме скринингот да се превенира и затоа апелираме на ран скрининг, на рани прегледи, на самопрегледи на пациентите, но кога ќе се постави дијагнозата, патеката понатаму е покомплицирана и добро е да им се објасни на пациентите кои се вистинските чекори кои треба да ги преземат, објаснува Милица Кузмановска, потпретседател на здружението „Хема Онко“.

Беше потенцирано и тоа дека без разлика за што ќе се одлучат пациентките кои за жал ги има и под 30 години, како дел од овој третман важна е и реконструктивната хирургија.

„Како здружение, сметаме дека треба да се зборува и колкава е желбата на пациентките по преживувањето на канцерот, по поминувањето на терапиите да се почувствуваат како целосни, како жени, иако тоа е лична одлука. Не секоја од нас се одлучува за пластична реконструкција, но треба да им дадеме можност на пациентките да бидат информирани и секоја пациентка да знае кои се нејзините опции и во овој дел на третманот, вели Ана Маријановиќ, онколошки пациент, здружение „Хема Онко“.

Ова е прва ваква трибина во Прилеп, а како дел од кампањата ќе се одржат трибини и Кавадарци, Тетово, Гевгелија и Скопје.