Македонија во Обединетите нации гласаше усогласено со ставот на САД
Одлуката да гласа воздржано и за американската и за украинската резолуција во Обединетите нации е усогласена со ставот на стратешкиот партнер САД. Од МНР денеска појаснуваат дека чекорот е направен по темелна анализа на светските политички движења и е потврда за стратешкиот интерес на Македонија за создавање стабилна позиција и поцврсти односи со стратешките партнери.
Како и во изминатите години, така и денес, а и во иднина, остануваме силно приврзани кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот. Македонија и натаму останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и цврсто посветена на процесот на европска интеграција, велат од МНР и потенцираат дека со вчерашното гласање ја потврдиле цврстата поддршка за Украина.
Од СДСМ денеска обвинуваат за аматеризам во водењето на надворешната политика што носи двојна штета кон стратешните партнерства и со САД и со ЕУ.
Мицкоски ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки. Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери, велат од СДСМ.
Владата беше усогласена со САД, им одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Мицкоски ја унапреди соработката на Македонија со САД, СДС во очај и љубоморат на сопствената држава. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика на владата не е ништо друго, освен изворна љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг, стои во реакцијата.
Покрај за европската, Македонија вчера во ОН гласаше воздржано и за американската резолуција откако во текстот беа вметнати амандмани дека Русија извршила воена инвазија врз Украина, што не беше дел од првичниот документ поднесен од САД, а коспонзориран од Македонија. Вака составената американска резолуција не доби поддршка ниту од делегацијата на САД која исто така беше воздржана.
Москва денеска го поздрави чекорот на САД оценувајќи го како вистинска желба да се дојде до решение на конфликтот. Укаинската резолуција вчера доби поддршка од српската делегација, но претседателот Вучиќ утрово им се извини на Русите бидејќи тоа било техничка грешка. Резолуцијата на САД, коспонзорирана од Македонија која завзема неутрална позиција за руско-украинскиот конфликт вчера сепак беше усвоена од Советот за безбедност, чии одлуки за разлика од оние на Генералното собрание се правно обврзувачки.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар