Новогодишната кошница порасна на над илјада производи, пазарните инспектори прават контроли
Новогодишната кошница се прошири и сега има над илјада производи чии цени треба да паднат за најмалку 10 проценти. Министерот за економија вели листата не е затворена и секоја компанија која сака да се приклучи на акцијата, може да го стори тоа. Пазарните инспектори, пак, ќе ги проверуваат цените еден месец пред да почне акцијата.
„Се гледаат цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена. Тука, според законот за заштита на потрошувачите кога ќе дејствува државниот пазарен инспекторат сите аномалии кои ги имаат или злоупотреба на оваа мерка од трговците ќе може да дејствува или да врши контроли на терен државен пазарен инспекторат и ако има злоупотреби ќе пишуваат казни“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Директорот на инспекторатот рече дека ќе ги контролираат цените од 15 ноември до 15 декември, односно дали од тој период е земена и намалена за 10% најниската цена. Но, што доколку цените биле зголемени ден претходно – на 14 ноември? Иако Стојкоски најави дека ќе проверат, законски не може да пишат казни.
„Не знам на што се должи тоа. Прво треба да провериме на што се должат тие зголемувања, значи некаде имаме берзански производи. Треба да утврдиме на што се должи тоа, после тоа да излеземе со коментар. Во секој случај, да, треба да провериме“ – изјави Влатко Стојкоски, директор на државен пазарен инспекторат.
Заменик министерот за економија, пак, најави ригозорни мерки ако компаниите ја изиграат мерката.
„Ако оваа мерка се покаже дека е добра, ние овој принцип и формула ќе ги употребуваме и понатаму, но ако има недоследности и изигрување, тогаш ништо не ја спречува Владата да продуцира нови поригорозони мерки кои беа претходно, кои би биле на штета на бизнис секторот“ – изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
СДСМ критикуваше и денеска.
„Измамама со така наречената новогодишна кошничка е во веќе покачените цени на производите на храна и пијалок кои граѓаните ги сведочат во маркетите во изминатиот период. Власта на Мицкоски им остави време и трговците ги покачија цените. Јасно е како ден дека Мицкоски направи дил со трговците дозволувајќи им да се богатат на грбот на граѓаните“, пишуваат во соопштението.
Новогодишната кошница почна вчера, а ќе трае до 15 јануари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар