Loading Video...
Свет
3. October 2024 - 12:16

Преглед на вести од светот

Израел го бомбардираше центарот на Бејрут во раните утрински часови убивајќи најмалку шест лица, а седум се ранети, соопштија либанските здравствени власти.

Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Очевидци слушнале голема експлозија, а извор од безбедноста рече дека целта била зграда во населбата Бачура во централна Бејрут, блиску до парламентот, а израелски напади дошле до седиштето на владата на Либан.

Три проектили го погодија и јужното предградие Дахије, каде минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала. Два лета од Бејрут пристигнаа во Ларнака, Кипар во текот на вечерните часови превезувајќи либански граѓани кои избегаа од воздушни напади во нивната земја.

15-члениот Совет за безбедност на Обединетите нации синоќа одржа итен состанок за ситуацијата на Блискиот Исток, со напори да се спречи либанско-израелскиот конфликт да го зафати целиот регион.

Во обраќањето на состанокот, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека Блискиот Исток брзо станува пекол, нагласувајќи ја потребата да се избегне сеопфатна војна во Либан, која би имала длабоки и разорни последици. Шефот на ОН истакна дека е крајно време за прекин на непријателствата во Либан.

Исто така, на состанокот Израел и Иран си се заканија со одмазда доколку бидат нападнати.

Кинескиот претставник во ОН Фу истакна дека: мора да се воспостави итен прекин на огнот во Газа; мора да се унапреди деескалацијата на либанско-израелската ситуација за да се запре циклусот на насилство; мора да се направат сите напори за да се спречи ширењето на борбите; а засегнатите страни мора да се вратат на колосек на политички и дипломатски решенија.

На заедничката прес-конференција во Катар со емирот на земјата Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, иранскиот претседател Пезешкијан рече дека ако Израел дејствува на еден начин против Иран, Техеран ќе одговори на построг начин.

Катарскиот емир додаде дека Доха ќе продолжи со посредничките напори за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас во Газа, која сега е стара речиси една година.

Шест мигранти загинаа откако мексикански војници пукаа врз група од 33 мигранти кои патуваа со пик-ап кој се обиде да избегне воена патрола. 10 други мигранти во претходниот инцидент од вторникот се повредени.  Групата вклучувала луѓе од египетска, непалска, кубанска, индиска и пакистанска националност, иако не е наведена националноста на починатите.

Руски беспилотни летала ја нападнаа пристанишната инфраструктура во јужниот украински регион Одеса во раните утрински часови оштетувајќи ја фабриката за жито и зградите на граничниот премин кон Романија, соопштија официјални лица. Нападот го погоди украинскиот округ Измаил во близина на реката Дунав. Преминот привремено ги прекина операциите поради нападот. Според официјални лица, повредени се двајца возачи на камион, меѓу кои и еден турски државјанин.