Loading Video...
Свет
1. January 2025 - 16:38

Полска го презема претседателството со ЕУ – од денеска Бугарија и Романија во Шенген

Од денеска во следните шест месеци, Полска застанува на чело на Европската Унија. Со преземањето на претседателството од Унгарија, на местото на Орбан со Советот на Еу ќе раководи полскиот премиер Доналд Туск.

Во последното обраќање пред министрите, полскиот премиер најави дека безбедноста ќе биде во фокусот на шестмесечното претседавање. Според програмата, во 2025 година Полска ќе ја потврди својата улога на лидер во безбедносната политика не само во регионот, туку и на целиот континент.

2025 година ќе донесе значителни промени во Полска и ќе ја зајакне нејзината позиција во Европа. И одговорноста за европските предизвици и активностите за развој на земјата ќе бидат клучните елементи на ова време на пробив. Полска мора да победи оваа година. Во првите шест месеци ќе ја носиме одговорноста за Европа на свои плеќи, порача Туск.

Според досегашните изјави на Туск но и новоизбраната ЕК , во однос на проширувањето, очекувањата се дека во следните шест месеци со посебно внимание ќе се следи пристапниот процес на Украина, која за време на белгиското претседавање започна со преговорите.

По цели 13 години, од ноќеска на полноќ Бугарија и Романија станаа дел од Шенген. Со ова прекинати се копнените гранични проверки една со друга и со другите членки на ЕУ и целосно се приклучија на Шенген зоната за слободно патување на блокот.

Властите на двете земји ги пречекаа првите возачи кои поминаа преку Мостот на пријателство преку реката Дунав во близина на бугарскиот пограничен град Русе.Бугарскиот технички премиер Главчев кој симболично ја подигна граничната бариера на граничниот премин „Кулата“ со Грција вели дека ова е историски момент за Бугарија.

„Нека 2025 е здрава, мирна и успешна година за сите. Денес е историски момент, кулминација на напорите на многу луѓе. Тоа е веќе факт благодарение на граничната полиција, воениот персонал, вработените во Фронтекс и сите наши сојузници во Европската Унија. Сите заедно многу подобро ќе ги заштитиме надворешните граници на ЕУ - од Грција до Финска - најсеверната точка и Португалија - најзападната точка може да се помине без граница. Бугарија и Романија се веќе полноправни членки на Шенген. Уште од првиот ден ќе се разберат разликите и бугарските граѓани ќе ја почувствуваат удобноста на членството“, рече Главчев.

Иако се членки на ЕУ од 2007-ма, Бугарија и Романија се соочија со вето за влегување во Шенген од неколку земји, а најдолго од Холандија и Австрија со образложение дека треба да направат повеќе за да се запре илегалната имиграција.