Македонија
26. September 2024 - 19:49

Општините да внимаваат како ќе ги трошат парите од унгарскиот заем

Внимателно со трошењето на парите од унгарскиот заем, препорачуваат од УСАИД. 250 те милиони евра ќе помогнат да се подобри инфрастуктурата, но општините мора стратешки да размислат како ќе ги трошат. Да не се повтори праксата прво да ги асфлатираат улиците, без да се реши подземната инфраструктура, па по неколку месеци да мора се вади асфалтот.

- Прво мора да се реши фекалната и водоводна канализација, па да се асфалтираат улиците. Да не се случи, како што многу пати до сега се случило, да се стави асфалтот, па по еден месец да се извади. Општините мора стратешки да размислат пред да започнат да ги трошат овие пари, затоа што ние сите треба да ги враќаме, изјави Бардул Марку директор на Проектот на УСАИД за јакнење на капацитетите на општините

Пред да ги земат парите, градоначалниците да ги согледаат сопствените капацитети,  дали ќе можат да ги реализираат инфаструктурните проекти, препорачуваат експертите. 

- На тест ќе биде ставена цела политика на реализација, затоа што ќе треба овие 100 милиони, односно 250 милиони евра дали ќе можат да се реализираат овие проекти, дали има доволно работна сила, дали има градежни компании кои ќе можат да го изведат тоа, изјави Борче Треновски, универзитетски професор, 

Со кредитот од Унгарија ќе се решат децениските проблеми, сметаат од власта. Ќе се изградат водоводи и канализации, училишта и градинки. Уверуваат дека ниту една општина која доставила добар проект, нема да извиси.

- Градоначалниците се подготвени, нема да се случи некоја општина да не добие. Сметам дека повикот помина успешно, ќе го чекаме резултатот на крај, но финално, како што кажав ова ќе биде решение за децениски проблеми на општините и нашите граѓани - изјави Орце  Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС

- Власта ќе го менторира процесот, ќе следи како се трошат парите, но општините ќе треба да го реализираат. И мислам дека на овој начин ќе станат потранспарентни и отчетни, вели Златко Перински, министер за локална самоуправа

Покрај овие пари, општините ќе ги јакнат своите капацитети да станат финансиски независни и со 6,5 милиони евра, пари од УСАИД.

Целта е да се подобри наплатата на даноци, да обезбедат сопствени извори на фанансирање и да се намали зависноста од централната власт. Во моментов, од сопствени извори општините се финансираат само 20 до 30 отсто, а останатите се трансфери од централната власт.