Loading Video...
Македонија
26. September 2024 - 16:49

Бугарските политичари го поздравуваат раздвојувањето на Македонија и Албанија

Бугарските политичари го поздравуваат раздвојувањето на Албанија и Македонија на европскиот пат. Двајцата поранешни премиери на Бугарија, Борисов и Петков порачуваат дека Македонија ги трпи последиците од навредите кон бугарските политичари и неспроведувањето на договорот за добрососедство, па Европската унија застанува на страната на Бугарија. 

- Сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија треба да ги понесат последиците од нивното досегашно однесување, рече Борисов

- Реално, целата Европска унија застана на страната на Бугарија. Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен. Многу се надевам дека ќе се преиспитаат, бидејќи она што се случи во моментов е дека Албанија се одделува од нив и побрзо ќе го продолжи патот кон ЕУ, изјави Петков.

Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба оди и чекор понатаму, повикувајќи ја Бугарија да не ги почитува обврските превземени со договорот. 

- Отсега, Република Северна Македонија има два пата – или ќе го признае присуството на Бугарите како државотворен елемент на својата земја и ќе ги вклучи во Уставот или ќе остане надвор од преговарачкиот процес. Откако Скопје одби да го почитува Договорот за добрососедство, и Софија веќе не треба да се држи до обврските што произлегуваат од него, рече Костадинов

На вонредната седница на собраниската комисија за надворешна политика утрово сите бугарски партии без исклучок ја поддржаа декларацијата за односите со Македонија која ја поднесе Костадинов. Документот ги осудува низата антибугарски изјави на македонските функционери кои имаат за цел да ги минираат односите помеѓу двете земји и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери. Во текстот се потенцира и дека без впишување на Бугарите во Уставот, Македонија никогаш нема да почне вистински процес на преговори со Европската унија.