Loading Video...
Свет
14. August 2024 - 16:29

Преглед на вестите од светот

Украинските одбранбени сили ја продолжуваат својата одбранбена операција во источните и јужните оперативни зони. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека армијата заробила повеќе од 100 руски војници во областа Курск. Украинските трупи напредувале во повеќе правци објави и шефот на украинската армија.

 „Трупите на нашите одбранбени сили ја продолжуваат офанзивата на територијата на Курската област. Од почетокот на денешниот ден, војниците напредуваа еден до два километри во различни правци. Потрагата и уништувањето на непријателот во населбата Суџа е завршено.  На почетокот на овој ден, заробивме околу 100 непријателски војници“.

Во меѓувреме рускиот пограничен регион Белгород прогласи вонредна состојба по напредокот на украинските сили. Во последните 24 часа се регистрирани 23 напади со беспилотни летала.

Ова следува откако Белгород во понеделникот започна со евакуација како резултат на напредокот на украинските трупи на терен, по ненадејниот упад на Киев во соседниот регион Курск минатата недела каде што, исто така, беше прогласена вонредна состојба.

Европската комисија ѝ префрли на Украина речиси 4,2 милијарди евра финансиска помош.  Целта е „да се одржи функционирањето на украинската држава“ додека Киев се бори за нејзиниот опстанок против Русија, напиша претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Помошта е дел од планот на ЕК за Украина, официјално усвоен во април и ќе ѝ обезбеди финансиска поддршка на земјата од 50 милијарди евра до крајот на 2027 година.

Касарната на Бундесверот во Келн-Ван е целосно затворена. Според информациите на „Шпигел“, откако се појавил сомнеж дека војниците биле отруени од вода. Околу касарната се полицијата, воената полиција и воената контраразузнавачка служба на Бундесверот кои истражуваат дали се работи за саботажа. Се сомневаат дека водата од чешмата е загадена.

Нивото на ризик во касарната моментално е „Алфа“, што одговара на „нормалниот“ статус од претходните години. Цивилното снабдување со вода за пиење надвор од касарната не е загрозено бидејќи зградата има сопствен систем.

Според медиумите, во касарната во Келн-Ван има неколку команданти, како и претставници на воените и цивилните канцеларии на Бундесверот. На локацијата се вработени вкупно 4.300 војници и 1.200 државни службеници.