Loading Video...
Свет
11. August 2024 - 16:45

Преглед на вести од светот

УАПСЕНИ 14 ЛИЦА НА ВЧЕРАШНИОТ ПРОТЕСТ ПРОТИВ ИСКОПУВАЊЕ НА ЛИТИУМ ВО БЕЛГРАД 

14 лица се уапсени за време на вчерашниот протест во Белград, во кој неколку десетици илјади луѓе го искажаа револтот против одлуката на српската влада да продолжи со проектот за изградба на рудник за литиум во долината Јадра.  Првиот човек на српското МВР, изјави дека полицијата рано утринава создала услови за нормално функционирање на сообраќајот со интервенција, која се одвивала без употреба на присилни средства. демонстрантите кои ја блокираа железничката Прокоп биле растерани утрото, а Вучиќ овие блокади ги оцени како недемократски.

„Окупација на меѓународната железница, станицата Прокоп, Нов Белград, мотото патот, мостот Газела не беа придонес за демократијата, туку потсмев и спроведување на насилството на малцинството врз мнозинството“

Вчера имаше река од луѓе, кои се собраа во центарот на Белград барајќи запирање на проектот за литиум, поради стравувањата дека може да ја загади земјата и водата во близина. Демонстрантите ги преполнија улиците што водат до плоштадот Теразие, веејќи српски знамиња и држејќи транспаренти со натписи „Не ја даваме Србија“.

Претходно, и претседателот Александар Вучиќ обелодени дека од Руската Федерација добил предупредување дека во Србија се планира државен удар. Минатиот месец Србија ја врати лиценцата на Рио Тинто за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа, две години откако претходната влада го запре процесот поради загриженоста на еколошките здруженија. Одлуката предизвика национални протести во градовите низ целата држава.

 

ПРОНАЈДЕНИ СЕ СИТЕ ТЕЛА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА ВО БРАЗИЛ, СЕГА СЕ ИДЕНТИФИКУВААТ ЖРТВИТЕ

Властите во Бразил потврдија дека се пронајдени сите тела на загинатите во авионската несреќа во Сао Паоло и дека идентификацијата на жртвите од несреќата е во тек.

Бројот на загинати патници е променет на 62, бидејќи по првите најави е потврдено дека на кобниот лет имало уште еден патник кој не е евидентиран.  Бразилскиот претседател прогласи тридневна жалост поради авионската несреќа кај Сао Паоло во која загинаа сите патници и членови на екипажот.

Таканаречената „црна кутија“ на авионот, која содржи гласовни снимки и податоци за летот на авионот е однесена на анализа во лабораторија во Бразилија. Причините за несреќата се уште не се познати и допрва ќе се утврдуваат.

 

ТРАМП: МИ ЈА ХАКИРАА ПРЕДИЗБОРНАТА СТРАНИЦА – ИРАН Е ВИНОВЕН

Хакирана е една од повеќето предизборни веб-страници на Доналд Трамп, соопшти кандидатот за претседател на САД на социјалните мрежи доцна синоќа. За хакерскиот напад ја обвини иранската влада.

„Само што бевме информирани од Мајкрософт дека една, од многуте наши веб страници беше хакирана од Иранската влада. Тие можеа да дојдат само до јавно достапни податоци, но тие не треба да прават вакви нешта. Ништо нема да ги спречи Иран и другите, бидејќи нашата Влада е слаба и неефективна, но не за долго. Она што Иран не го сфаќа е дека јас ќе го направам овој свет подобар и побезбедеен, а тоа е добро и за нив!, напиша Трамп на Трутх Соушл.

Иранската мисија во Обединетите нации, на прашањето за тврдењето за кампањата на Трамп, негираше дека е вмешана.

„Иранската влада ниту поседува ниту има намера или мотив да се меша во претседателските избори во Соединетите држави“, се вели во нивниот кус одговор.