Македонија
25. July 2024 - 16:41

Приоритет вработување на приватните специјализанти, а договорците ќе почекаат

Медицински сестри, болничари, техничари и административци ангажирани со договор на дело ќе почекаат за трајно вработување во јавното здравство. Иако претходната Влада уште во декември лани најави дека околу 1100 лица ќе добијат решенија, нивниот статус се уште не е решен. Министерот за здравство рече дека приоритет бил даден на приватните специјализанти кои подолго време протестираа зошто добиваат само по 26.000 денари. Со вчерашната владина одлука ќе се вработат 600 -тини од нив, 300 до крајот на годинава, а догодина уште толку, според претходно утврдени критериуми.

- Следната моја заложба ќе биде да видиме и овие коишто подолг период, посебно, среден медицински персонал кои подолг период работат и немаат решение за работа да најдеме и за нив решение за до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени. Значи ќе се чека новиот буџет? Нема да се чека новиот буџет. Ќе се обидеме во склоп на овој буџет да успееме да го менаџираме тоа. Меѓутоа, ни треба време да се синхронизираме и со другите министри, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Приватните специјализанти по денешната средба со Таравари ја поздравија одлуката со која почнуваат да се решаваат нивните барања и се надеваат дека сите ќе добијат вработување.  Приоритет ќе се даде на просекот, потоа на докторите кои се при крај со специјализацијата, на оние специјалности кои се дефицитарни, и потребите во нивното местото на живеење.

- Предност ќе имаат колегите од погорните години на специјализација шестта, петта и четвтда, а доколку не се пополни таа квота од 300, ќе се опфатат колегите од трета, втора и прва година на специјализација, изјави д-р Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

За подобро планско вработување од септември на денешниот состанок било договорено приватните специјализанти да ги достават своите податоци во посебна база во министерството за да може да се направи регистар и рангирање според претходно утврдените критериуми, но и потребата кадар во јавните здравствени установи.