Македонија
25. July 2024 - 16:39

Палчо и другите обвинети заедно во судница

Осомничениот Палевски и четворицата соизвршители обвинети за убиството на младата Вања и пензионерот Жежовски, во исто време да седнат во судница. Завршила истрагата за Палчо, па обвинителството бара одложување на рочиштето во вторник кое требаше за првпат да ги донесе во судница соизвршителите на двете убиства.

Со поднесување на обвинение против првоосомничениот за грабнување и свирепо убиство, предлага сите заедно да се појават во суд. Во меѓувреме, одбраната има рок од две недели да ги види доказите против Палчо..

„По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30 јули против четворицата претходно обвинети“, се вели во известувањето од Јавното обвинителство.

Адвокатот на Палевски, Марјан Витановски, вели ќе направел увид во доказите, но смета дека обвинителството предвреме донело заклучок дека постапката ќе заврши со обвинение.

„Сметам дека самиот јавен обвинители прејудицирал исход дека ќе дојде до обвинение, односно дека од оваа постапка ќе произлезе обвинение кое ќе биде во правна сила, бидејќи истото ќе биде предмет на постапка за приговор и не значи дека ќе стапи во правна сила“, вели Марјан Витановски, адвокат.

Обвинителството информира дека завршила истрагата и за Стефан Димковски кој го возеше Палевски од Белград до Турција. Тој во судницата ќе седи сам.

„Истражната постапка е завршена и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Постапката против него ќе се води одвоено“

Вања и Панче беа пронајдени застрелани и закопани во декември лани, а истрагата покажала дека во нив пукал Палевски, а во нивно грабнување помогнале четворицата обвинети.