Македонија
24. July 2024 - 16:33

Функционерите се активни на сите канали ама остануваат предизвиците со веб-страните

Првите луѓе во државата  имаат фрлено „мерак“ на социјалните мрежи. Претседателката има Фејсбук и Инстаграм. Често објавува видеа и на Тикток. Премерот Мицкоски, како и собранискиот спикер секојдневно ги користат сите социјални мрежи за себепромоција, но и за активностите кои ги имаат на работното место.

21 од вкупно 24 членови на владиниот кабинет користат најмалку една социјална мрежа, покажа Анализата на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) направена по повод почетокот со работа на новоизбраните носители на извршната власт во земјава.

Еден месец по изборот на новиот владин состав, речиси сите министерства имаат своја посебна веб страна, со исклучок на новоформираните кои или немаат сеуште креирано или користат некоја од постоечките веб страни. Анализата на Институтот укажува на тоа има многу простор за подобрување и унапредување на начинот на кој институциите и првите луѓе ги користат социјалните медиуми.

„Сведочиме и на нередовна активност, а некои и воопшто ги нема на овие канали за комуникација. Исто така, кога зборуваме за содржините кои треба да ги објавуваат, важно е да се фокусираат на спецификите на самите социјални мрежи. Пример, потребни се повеќе кратки видеа, содржини кои ги интересираат граѓаните“, наведува истражувањето на ИДУЕП.

Во бројки во делот на социјалните мрежи, 18 од вкупно 20 министерства имаат свое дигитално присуство барем на еден социјален медиум, додека официјално Владата е активна со свој веб-сајт, како и присуство на сите анализирани социјални медиуми.