Македонија
30. September 2022 - 16:46

Ќе се врати ли во Македонија задолжителниот воен рок?

Се најавува ли враќање на задолжителниот воен рок? Идејата ја навести началникот на генералштабот Васко Ѓурчиновски, кој во гостувањето во дебатниот магазин “Клик Плус”, побара да се врати задолжителното тримесечно служење војска во земјава.

Генералот вели дека ова е негов личен став, а целта би била подобро оспособување на младите во различни ситуации.

“Би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие пред малку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација...”

За предлогот на Ѓурчиновски засега не се размислува во државниот врв. Како што наведуваат од Кабинетот на претседателот и врховен командант на оружените сили, за задолжително служење војска не се размислува ниту во иднина.

“Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО”, велат од Водно.

Идејата за враќање на задолжителен воен рок не наидува на голема поддршка ниту кај помладата генерација.

Служењето на воениот рок во Македонија не е задолжително веќе десетина години, односно последната генерација што задолжително мораше да служи воен рок беше во 2006 година.

Во Европа, војска мора да се служи во 10-ина земји меѓу кои Шведска, Норвешка, Данска, Финска, Австрија, Швајцарија, Русија, Грција...