Македонија
15. July 2022 - 12:59

На штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ има 3.870 слободни места

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип годинава ги отвoра вратите за 3.870 студенти. Толку се слободните места на сите факултети и академии за академската 2022-2023 година, порача проректорот за наука Дејан Мираковски, кој од септември ја презема функцијата ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип.

– Оваа година како и минатите запишуваме слична бројка на студенти, слободни места на УГД има за 2202 редовни студенти, во квотата со кофинансирање 913 и вонредни 755 или вкупно на 12 факултети и три академии 3870 слободни места предвидени со Конкурсот. Првиот уписен рок е на 25,26,29 и 30 август, но веќе е отворен системот за електронско аплицирање. Студентите можат електронски да аплицираат преку електронската платформа на веб-страницата на УГД, а физички документите можат да ги достават по 10 август, рече Мираковски.

Тој најави дека УГД и годинава ќе ги стипендира најдобро рангираните студенти на уписите, како и за сите студенти кои ќе се запишат на студиската програма за Македонски јазик. Новина оваа година е студиската програма на Англски јазик на насоката Општа медицина на Факултетот за медицински науки, а акредититрани програми на Англиски јазик има и на Правниот факултет и на Музичката академија.

Смета дека годинава ќе имаат интерес за запишување на некои од факултети и од студентите од други земји. Традиционално се запишуваат студенти од Турција, но интерес има и од соседните држави, како и од Израел.

Посочи дека како Универзитет се спремни за хибриден модел за настава, доколку има нов бран на коронавирусот. Практичната настава, вежбите, како и работата во лабораториите ќе се реализираат со физичко присуство,  доколку налага состојбата во тој случај ќе се организира онлајн настава. Но, засега нема никаква одлука и состојбата ќе се следи, со што ќе се знае на 1 октомври 2022 година, како ќе стартува наставата на УГД-Штип.