Македонија
29. March 2021 - 15:13

Родителите да не се плашат да ги пуштат своите деца во градинка, порача Докиќ

Родителите да не се плашат да ги пуштат своите деца во градинка. Тие се сè уште мали и немаат доволен број АЦ2 рецептори и помалку се заразуваат со Ковид-19, а имаат и полесна клиничка сликаа, порача проф. д-р Дејан Докиќ.

Тој информира дека 80 проценти од инфицираните кои доаѓаат во поликлиниките и болниците, лесно го поминуваат коронавирусот, а 20 отсто имаат потреба од хоспитализација.

Директорот на Клиниката за пулмологија рече дека не може да каже дали британскиот сој создава потешка клиничка слика, но за него е едно сигурно, дека тој побрзо се шири.

-Гледаме дека британскиот сој навистина побрзо се шири. Тој се шири полесно заради тоа што има мутација на тој спајк-протеин. Тоа е протеин, со кој вирусот навлегува и се врзува со АЦ2 рецептори и навлегува во клетката домаќин. Но, не е само британскиот сој. Имате бразилски и уште поагресивниот јужноафрикански, објасни проф. д-р Докиќ.

Тој рече дека сè уште не може да се каже дали британскиот сој дава потешка клиничка слика и оти тоа е уште на ниво на опсервација. Но, порача дека не е лошо да се подигне степенот на заштита, со носење две хируршки маски и Н95, држење два метра дистанца.

– Подобро да бидете посигурни и повеќе сериозни и претпазливи отколку да ги занемарите мерките на заштита, вели професорот.

Тој истакна дека сите вакцини против Ковид-19 штитат и создаваат антитела и против мутираните соеви.

– Така што, докажано е дека сè уште овие соеви можат да бидат спречени доколку пациентите се вакцинираат со постоечките регистрирани вакцини. Секој вакцина има и некои несакани ефекти, но мора да спомнам дека пред да се регистрира една вакцина од ФДА и ЕМА, треба да дадете сериозни докази дека таа делува и оти е безбедна. Значи, за сите, па дури и ревизијата за „Астра Зенека“, ФДА и ЕМА изјавија дека тие се безбедни, вели пулмологот Докиќ.

Тој објасни дека по вакцинацијата можно е да се јават несакани ефекти како болка во раката, оток на местото на апликацијата, малаксаност, температура, болки по телото, но симптомите проаѓаат уште истиот ден.

Професорот порача луѓето да не се плашат од вакцинација.