Македонија
16. March 2021 - 9:26

Му удирала чаши во глава, детали за жената која го истепала сопругот во кафеана во Гостивар

Министерството за внатрешни работи завчера во полицискиот билтен информираше дека маж пријавил дека бил физички нападнат од неговата сопруга во угостителски објект.

Жената на педесет и деветгодишна возраст го натепала сопругот додека попладнето околу 15 часот седел на една од масите во угостителскиот објект „Кај Нешо“ кој се наоѓа на улицата „Мара Угринова“ во Гостивар, пишува „Плусинфо“.

Во еден момент, во кафеаната влегла жената, се упатила на масата каде што седел нејзиниот маж, зела една од чашите за ракија од масата и почнала да го удира по глава.

Потоа зела една од чашите за вода и со неа повторно сакала да го удри, но не успеала бидејќи сопругот ја фатил за рака. Тогаш лутата жена зела стол и го удрила мажот во подлактицата при што му нанела видливи повреди. Потоа со двете раце со шлаканици и со боксови почнала да го удира по лицето и по главата и му нанела видливи повреди.

Жената е приведена и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе има кривична пријава. Мотивот за ова насилство полицијата не го откри.