Пендаровски: Очекувам Република Турција да ја потврди ратификација на Протоколот за членство во НАТО
Очекувам Република Турција да ја потврди поддршката за Република Северна Македонија на нејзиниот евроатлантски пат преку ратификација на Протоколот за членство во НАТО, порача шефот на државата Стево Пендаровски, во обраќањето на ифтарската вечер на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, организирана од Амбасадата на Република Турција.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, во присуство на претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, Пендаровски истакна дека од почетокот на нашата независност, Република Турција ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот европски и евроатлантски пат.
– Понекогаш можеби имавме и различни видувања за некои прашања, но секогаш сме успевале да најдеме решенија прифатливи за двете страни. Затоа, како претседател очекувам нашите турски пријатели да ја потврдат таа поддршка со тоа што ќе го ратификуваат протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Бидејќи со нашето членство во Алијансата ние не ги внесуваме само нашите воени потенцијали, туку и нашите вредности на соживот и почит кон различноста, рече претседателот Пендаровски.
Негов приоритет, како што се наведува во соопштението, е да придонесе за граѓанско помирување.
– Моја цел е во нашата европска држава да промовирам вредности што зближуваат, а не што разделуваат, рече Пендаровски.
Претседателот Пендаровски пред присутните упати честитки по повод светиот месец Рамазан и посака лесен пост, исполнет со радост и со бериќет.
– Иако го прославуваат само муслиманите, светиот месец Рамазан симболизира многу општочовечки вредности. Преку солидарноста кон посиромашните, Рамазан е симболичен коректив на социјалната нееднаквост во општеството. Преку заедничката трпеза, Рамазан нè потсетува на важноста на семејството и заедницата како основи на секое општество, рече претседателот Пендаровски на ифтарската вечер во Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.
Ново на Сител
-
Макрон по средбата со Зеленски: Европа стои зад Украина
-
Карни: Царините на Трамп им штетат на Американците
-
Двајца Македонци загинаа во тешка сообраќајка во Италија | ФОТО
-
Таравари очекува од 40 до 50 пациенти кои се лекуваат надвор од државата да имаат потреба за подолготрајна рехабилитација
-
Маж брутално тепа бремена жена „во живо“ на „ТикТок“ во Радовиш | ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО
-
Една сезона може да биде и 1 милион евра | Игор Стефановски - Иџе | Sitel Podcast 086
-
Пациент кој по пожарот во Кочани се лекуваше во Грција се врати во државава, вечерва се очекуваат уште четворица пациенти од Шпанија
-
Меџити: Шар Планина и Пелистер добиваат нови инфо центри