Оперативниот план за вработување со најголем буџет досега, се очекува успешна реализација
Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување „Шанса за сите“ за 2019 година е со најголем буџет досега, а зголемен е и опфатот на лица за околу 2.000 корисници повеќе во однос на лани. Надлежните очекуваат дека „Шанса за сите“ ќе ја постигне целта, односно ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми вработливоста.
За реализација на годинашниот Оперативен план проектирани се 1,1 милијада денари, а се очекува да бидат опфатени најмалку 8.500 лица. Во период од неполни два месеца, како што информираа од Агенцијата за вработување, исполнет е предвидениот опфат на лица кои аплицирале за учество во мерките што водат до директно вработување, односно засновање на работен однос.
– Овие изминати два месеци се позитивен показател дека и оваа година како и лани ќе имаме успешна реализација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Големиот интерес за учество во мерките за вработување покажан досега од страна на невработените лица и работодавачите се сериозен показател дека сме на правиот пат во остварување на нашиот приоритет во работењето, изјави завчера директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.
За програмата „Самовработување“ во моментов се почнати обуките на 2.076 лица од кои околу 800 се млади на возраст до 29 години. Најмалку 1.070 лица се очекува да се самовработат во првата половина од годинава.
Во тек е и потпишувањето на договорите за мерката „Вработување и раст на правни субјекти за вработување“ за нови 500 лица.
Годинава, зголемен е и опфатот на 1.625 лица за програмата „Практиканство“ што, според Агенцијата за вработување, е највисок опфат за оваа програма досега. Потпишувањето на договорите за оваа мерка се очекува да почне од следната недела.
Посебен акцент е ставен и на преквалификацијата и доквалификацијата на невработените лица така што планирано е со разни обуки да бидат опфатени 4.740 лица. Од Агенцијата за вработување посочуваат дека младите имаат голем интерес за преквалификацијата, а за обуките за побарувани занимања аплицирале 1.300 лица од кои 500 се млади до 29 години.
Наскоро се очекува да бидат отворени и обуките кои се посебно атрактивни за младите лица, како што се оние за стекнување на дигитални вештини.
Надлежните се задоволни и од реализацијата на Оперативниот план за 2018 година со кој биле опфатени околу 6.500 лица од кои 53 проценти биле млади на возраст до 29 години. Како пример може да се посочат програмата „Самовработување“ преку која се вработиле 1.191 лице од кои 508 биле млади на возраст до 29 години, потоа мерката „Субвенционирање на плати“ со која биле опфатени 759 лица од кои повеќе од половина или 471 лице биле млади. Дури и во мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ од вкупно вработените 347 лица, млади на возраст до 29 години биле 217 лица.
Успешноста на Оперативниот план за 2018 година се проценува на околу 95 проценти.
Ново на Сител
-
МЗ: Комисија констатира дека се било навремено и уредно извршено во Болница во Кавадарци во врска со починатото дете
-
Кривична пријава против правно лице, во ceф соба биле пронајдени 382 кутии со марихуана
-
Баерн и Фламенго први осминафиналисти на Светското клупско првенство
-
Уапсено лице од тетовско, возело со 190 км на час на место каде што е дозволено 80
-
Путин: Киев мора да ги признае резултатите од референдумот или конфликтот ќе продолжи
-
Пакистан ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир
-
Најмногу дожд наврна во Охрид
-
Земјотрес со епицентар во Албанија почувствуван во Охрид и околината