Ниту еден од кандидатите за претседател на Грција не го доби потребното мнозинство при второто гласање во грчкиот Парламент
– Ниту еден од четворицата кандидати предложени за претседател на Грција, не го доби потребното двотретинско мнозинство односно најмалку 200 гласа од вкупно 300 пратеници, на денешното второ гласање во грчкиот Парламент, со што за пет дена ќе се одржи третото гласање, јави дописничката на МИА од Атина.
Гласањето е јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.
Четворицата кандидати добија идентичен број гласови како и при првото гласање, а единствено промена имаше во бројот на воздржани, од 49 при првото на 52 при денешното гласање, со оглед на тоа дека во саботата, имаше тројца отсутни пратеници.
Константинос Тасулас, кој до неодамна беше претседател на Парламентот, како предлог од владејачката Нова демократија и денеска доби 160 гласа.
За поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели предлог од СИРИЗА повторно гласаа 40 пратеници.
Поранешниот министер и професор Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, доби 34 гласа исто како и при првото гласање. За писателот Костас Кирјаку предлог на партијата Победа гласаа и денеска 14 пратеници.
Првпат по над 30 години предложени се четворица кандидати, а за време на првото гласање во саботата и на второто претпладнево, за да се избере претседател, согласно Уставот потребно беше двотретинско мнозинство, кое не беше постигнато.
Третото гласање ќе се одржи по пауза од пет дена, односно в четврток на 6 февруари кога ќе бидат потребни три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници, а доколку ниту ова гласање нема позитивен исход, ќе следи и четврто гласање, повторно по пет дена, кога ќе биде потребно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно најмалку 151 глас.
Според резултатите од првите две гласања, се очекува Грција да добие нов претседател по четвртото гласање, кое ќе се одржи на 12 февруари и Константинос Тасулас да биде избран за шеф на државата со поддршка од околу 160 пратеници.
Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава.
Ново на Сител
-
Граѓаните на протест на Партизанска бараат одговорност од обвинителствтото и судството
-
Во живо од терен - дали граѓаните ги бојкотираат маркетите?
-
Димитриевска - Кочоска: Институциите да проверат зошто маркетите билдаат огромни профити
-
Филипче од Хрватска - Владата има обврска да ги заштити граѓаните од високите цени
-
Струмичани утре излегуваат на протест против загадениот воздух
-
Преглед на вестите од светот
-
20-годишник без возачка и под дејство на алкохол ја усмрти 22-годишната Фросина Кулаков на пешачки премин
-
Тема на денот со Даниела Николова, пратеничка од СДСМ