Николоски предлага со специјални закони да се забрани градењето во Центар и Карпош
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски предлага да се донесат специјални закони за општините Центар и Карпош со кои ќе се затворат сите прашања со урбанистичкото планирање.
Предлогот го изнесе денеска на седницата на собраниската Комисија за транспорт, која го проследи во натамошна процедура Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. Николоски соопшти и политичка заложба додека е тој министер на седница на Совет на Општина Карпош нема да дојде ниту еден урбанистички план кој е поврзан со станбено домување.
- Во општините Центар и Карпош се случуваше и се случува урбанистички хаос. Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини на ист начин како што направивме за градот Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме забрана за градење да речеме во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум како што направи Општина Центар па имаше мораториум за секаде освен за ул. „Козара“ и за „Дајмонд“. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули по 25 ката од страна на Лимак, но се реагира за многу други работи. Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин, рече Николоски.
Образложи дека целта на измената на Законот е да се подностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се целосно финансирани од Буџетот на државата или од буџетите на општините и се во целосна општинска или државна сопственост.
-Побрзо да се направат проектите со кои ќе може да се реализираат објектите. Тоа не значи дека воопшто нема да има процедура, туку таа ќе биде многу поедноставена, укажа Николоски.
Тој смета дека Законот за урбaнистичко планирање треба да претрпи сериозни измени во следниот период затоа што рече дека не е прилагоден на условите и времето, а за тоа би се дискутирало во широка јавна дебата со стручната јавност, невладините организации и сите засегнати. Овие измени, нагласи, се ноепходни, затоа што доколку не ги направиме сега паралелно со ребалансот на Буџетот општините нема да можат да ги трошат средствата за проектите.
Министерот Николоски рече дека втората измена од Законот која се однесува на одредбата со која е ставен рок од четири години во кој треба да се завршат сите постапки за донесување на урбанистичките планови, а ако не се завршат да се вратат од почеток, е веќе оспорена од Уставниот суд.
- Прашање на време е кога ќе ја прифати затоа што не можете со закон да креирате правна несигурност. Креираната правна несигурност е во три насоки. Прво, како е определен рокот од четири години, второ, кој вели дека планот мора да се донесе и како трето, во моментов преку 600 планови се заглавени и не се ниту напред ниту назад. Ниту јас како министер можам да ги прифатам, ниту да ги одбијам, ниту Министерството може да даде позитивно и негативно мислење. Свесен сум дека намерата била добра, но ова мора го затвориме правно што не значи, ова е мој политички став, дека тие планови ќе се донесат. Може да се донесат, а може и не, бидејќи има минимум два политички филтра - Министерството што го водам и општините, од кои во најголем дел ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата има мнозинство, рече Николоски.
Со третата измена на законот појасни дека се брише правилото „молчењето е одобрување“ за урбанистичките планови, заради, како што рече, претходно дивеење на одредени општини, односно се јакнат ингеренците на Министерството за транспорт. - Веќе нема да се прават манипулации, да не речам „финти“, да се користи рокот од 20 дена. Досега законот велеше дека во рок од 20 дена доколку Министерството за транспорт не се произнесе во однос на конкретен урбанистички план се смета дека добил позитивно мислење. Тоа веќе нема да се случува, рече Николоски.
Во периодот од нелегално носење на тој план до периодот на стопирање, посочи министерот, таму се издавале градежни дозволи кои потоа не можеле да бидат укинати. Затоа оваа можност ја бришеме целосно за никому да не даваме креативни идеи како да го изигрува законот. Сега Министерството е основниот и главниот филтер за стопирање на сите процедури кои сметаме дека ќе го нарушуваат квалитетот на живеење, наведе Николоски.
Во случај на евентуален обид за незаконско носење на планови, најави дека во истиот момент кога ќе се случува седницата на општинскиот совет, „надвор ќе чекаат неколку инспектори од Министерството за внатрешни работи затоа што тоа е класична злоупотреба на службена положба и овластување“.
Тој праша и како е проблем да се градат катни гаражи во услови кога во половина држава тротоарите се окупирани со возила, потенцирајќи дека тоа ќе биде еден од начините на решавање на сообраќајниот хаос.
-Убеден сум дека измените на Законот се во целосна корист на општините и дека правиме исклучиво добра работа, рече Николоски.
Претставниците на инцијативата О2 побараа законските измени да не се носат по скратена постапка, туку во редовна со широко вклучување на јавноста со оглед дека станува збор за обемен закон.
-И најмалите промени од овој закон на терен можат да влиајат многукратно во однос на хуманото живеење на граѓаните. Законот треба да оди во редовна постапка и да се вклучи и јавноста. Како О2 иницијатива подготвуваме одредени измени. Бидејќи е период на летни одмори многу од граѓаните и другите граѓански здруженија немаа време да ги видат сите промени за да можат да вклучат со свои забалешки, рече Невена Георгиевска од иницијативата О2.
Таа истакна дека целта е да се донесат измени кои ќе траат подолго за да не се повтори состојбата кога имаше над 30 промени на Законот за урбанистичко планирање за неколку години, а кои потоа, посочи, доведоа до она што го живееме денес во Скопје - преполни тротоа, се гради неплански, се зафаќаат сите јавни површини.
Иницијативата О2 веќе реагираше на предложените измени, порачувајќи дека „урбанистичките планови треба да воведат ред, а не хаос и оти не може да се дозволи изработка, спроведување на планови кои не се соодветни и изградба на објекти како катните гаражи без нив“.
Ново на Сител
-
Стојановски ќе се бориза златен медал на ЕП во Таеквондо за кадети
-
Барале пари за да дадат информации - Нови детали за изчезнувањето на Лидија
-
Родри ја освои Златната топка со 41 глас повеќе од Винисиус
-
Мицкоски: Се обидуваме „Рош“ да се вратат и граѓаните да добијат врвна здравствена услуга по конкурентни цени
-
Според тестирањата во прилепските градинки, секое второ дете има проблеми со говорот
-
Мицкоски: Дефинирани се цените и производите опфатени со новогодишната кошничка
-
Од утре температурите пониски за пет до седум степени
-
ПСЖ би можел да го ангажира Куртоа за да му се одмазди на Реал за Мбапе