Македонија
25. јуни 2019 - 17:03

Николоски: Македонија втора година со ред не добива датум за почеток на преговори за членство во ЕУ затоа што владата не спроведува реформи

Во рамки на летната сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, повторно имам можност да бидам присутен овој пат како почесен гостин на Советот на Европа, имајќи го предвид почесното членство кое што го имам тука како резултат на претходните позиции и успехот во таа работа.

На оваа сесија на ПС на Советот на Европа се избира нов Генерален Секретар на организацијата, изборот треба да се случи утре и навистина е привилегија да се учествува во овој избор.

Исто така свое обраќање имаше министерот за европски прашања на Франција и претседателот на Португалија. Се зборува за иднината на Европа и реформите кои што се потребни.

Во исто време посета тука во Стразбур ја искористив и за бројни билатерални средби. Во текот на вчерашниот ден имав разговор и средба со претседателот на Европската Народна Партија, господинот Жозеф Дол, со кој што разменивме информации за состојбите во Македонија и сето она што се случува на политичката сцена како и работата на ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така имав средби и со бројни пратеници од преку 20-тина европски земји и со сите разговаравме за перспективата на Македонија.  За жал заеднички е впечатокот дека Македонија втора година со ред не добива датум за почеток на преговори за членство во ЕУ затоа што владата на Заев не спроведува реформи.  Не спроведува реформи во борбата против корупцијата, не ја подобрува економијата и не воспоставува функционален систем на владеење на правото. Односно економијата тоне, корупцијата цвета и нема воспоставен систем на владеење на правото.

Уште повеќе најголем дел од соговорниците се изненадени од деспотскиот однос на Заев кој што реши покрај премиер да биде и министер за финансии, пример невиден било каде во било која европска демократија, пример кој што покажува кон кои деспотизам и автототалитаризам се движи Заев.

И финално неподелен е впечатокот помеѓу сите оние со кои што разговарав, дека најголемата стратешка грешка владата на Заев ја направи, договарајќи се со Еди Рама, Македонија и Албанија да влезат во иста група, затоа што Албанија ја влече Македонија назад.  Со сиот неред кој што се случува во Албанија и нефункционалноста на институциите таму сериозно ја влече Македонија назад и ги уништува европските перспективи на македонските граѓани.

Групата со Албанија е најголемото зло и најголемиот проблем што може да се случи на европската интеграција на Македонија и затоа силно апелирав и замолив до сите оние кои што се сретнав да разговараат со своите министри за надворешни работи, да разговараат со своите премиери и да побараат одвојување на Македонија и Албанија, со цел Македонија да чекори напред. Тоа едниот пат кој што треба да го изоди Македонија, а вториот секако се внатрешните реформи.

За внатрешните реформи за жал не гледаме капацитет во владата на Заев и се надевам на брза промена на власта и нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која што ќе може да ги заврши овие реформи. Но повторувам клучно е раздвојувањето на Македонија и Албанија во интеграцијата, затоа што групата со Албанија направена во договор помеѓу Заев и Еди Рама ја влече Македонија назад. Коленичењето на Заев пред Еди Рама мора да престане затоа тоа коленичење ја влече Македонија назад.