Македонија
16. December 2024 - 20:15

Не сакаме српско сценарио со Универзална сала

Не сакаме на Универзална сала да и се случи српско сценарио како со железничката станица во Нови Сад. Министерот за култура и туризам е дециден дека нема да се брза со процесот за реконструкција на салата, за која тековно се водат седум одвоени постапки. Во среда, Љутков очекува низ собранискиот филтер да помине и измената за законот, со кој ресорното министерство освен национални установи, ќе може гради и локални установи.

„Ќе мора да бидеме многу претпазливи, многу внимателно кога преземаме некои обврски од минатото кои не се баш законски и легални. Не сакам да се случи нешто како во Србија, со еден објект којшто е реконструиран. Сепак не се работи за нова градба, туку се работи за реконструкција“.

Но, пред да се започне со каква било градежна активност за салата, Градот Скопје треба да донесе одлука со која целосно ќе ги префрли ингеренциите на министерството за интервенција во салата. Откако целиот процес ќе биде завршен, а според најавите на властите тоа ќе биде во 2028г., ингеренциите врз салата треба повторно да бидат вратени на градот.

Иако состојбите со Универзална сала, протечените кровови во националните установи, како и непримената на новиот закон за македонски јазик го одбележаа културниот медиумски дневник во декември, сепак прогласувањето на гајдата како нематеријално културно наследство на УНЕСКО испиша светла страница за македонската култура.

Покрај гајдата, на оваа листа од Македонија се впишани и обичајот Четрсе во Штип, орото Копачката, машкото двогласно пеење од Долни Полог,  Хидрелез – славењето на пролетта, како и обичајот со мартинките.