Свет
29. February 2016 - 11:31

Напаѓач со нож избодел десет деца пред училиште

Десет деца денеска биле избодени со нож пред основно училиште на југот од Кина, а напаѓачот по нападот извршил самоубиство, објавија  кинеските медиуми.

Мажот пред влезот во основното училиште во градот Хајкоу, во провинцијата Хајнан, со нож повредил шест момчиња и четири девојчиња, јави кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви.

Британските медиуми пренесуваат дека децата веднаш биле префрлени во блиската болница, при што кај две од нив биле констатирани потешки повреди, но животот не им е во опасност.

Насилните злосторства во Кина се реткост во споредба со многу други земји, но во последните години се случија повеќе напади со нож и секира, вклучувајќи и некои во кои цел беа деца.