Свет
6. October 2016 - 11:18

Најразорниот земјотрес досега бил со јачина од 9,5 степени - еве каде се случил

Земјотресите кои се особено актуелни во периодов во медиумите, предизвикуваат стрес и паника. Серијата земјотреси по силниот земјотрес во Скопје од 5,3 степени според Рихтер, ги остави скопјани без сон и без мир. Пред два дена уште еден земјотрес го стресе Скопје со јачина од 3,1 степени според Рихтер.

Кога станува збор за светот, еден од најпознатите катастрофални земјотреси во пишаната историја се случил на 23 јануари 1556 година во провинцијата Шанкси, Кина, каде загинале повеќе од 830.000 луѓе. Поголемиот дел од населението во тој период живееле во места наречени “yaodongs” - вештачки пештери во карпи, од кои повеќето биле срушени за време на катастрофата. Во 1976 година, земјотресот во Тангшан, со бројка на загинати лица која се проценува помеѓу 240.000 и 655.000, се верува дека е најголемиот земјотрес на 20. век. Земјотресот од 22 мај 1960 г. е најголемиот земјотрес што се измерил на сеизмограф, достигнувајќи јачина од 9.5°. Неговиот епицентар бил во близина на Кањете, Чиле. Ослободената енергија била приближно два пати поголема од следниот најмоќен земјотрес, големиот земјотрес во Алјаска, со епицентар во заливот на Аљаска.

Во 2010 година, силен земјотрес, со јачина од 8,8 степени, го погодил јужниот дел на Чиле (во градот Консепсион) при што загинале над 500 луѓе, а биле уништени 220.000 објекти. Во септември 2015 година, силен земјотрес, со јачина од 8,3 степени според Рихтеровата скала, го погодил централниот регион на Чиле, во близината на Илјапел. Притоа загинале најмалку пет лица, но еден милион луѓе биле евакуирани. Според Геолошкиот топографски институт на САД, центарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од 25 километри, додека сеизмолозите од Чиле пресметале дека длабочината изнесувала 11 километри.

Во Скопје, најголемиот и катастрофален земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути, при што 1100 лица ги загубиле животите, а 3000 биле повредени.

По серијата земјотреси тлото се смирува. Се надеваме дека ни претстојат мирни ноќи и денови.