Свет
12. April 2016 - 11:05

Најмалку еден загинат и 47 ранети во бомбашкиот напад во Дијарбекир

Бројот на ранети во вчерашниот напад со автомобил-бомба врз база на жандармеријата во Дијарбекир, порасна на 47 лица, вклучувајќи и осуммина цивили, пренесуваат турските медиуми, повикувајќи се на соопштение на армијата.

Во нападот загина еден војник.

Армијата смета дека терористичката Курдска работничка партија (ПКК) е одговорна за експлозијата, што синоќа одекна во близина на жандармериска база и службени станови во градот Хани, во округот Дијарбекир.

Првично беше соопштено за 25 ранети, но денеска армијата нов биланс на повредени на 47 војници и цивили.

Југоисточна Турција од јули минатата година е регион на засилено насилство, откако пропадна мировниот процес меѓу државата и ПКК. Стотици луѓе, вклучувајќи и над 350 членови на безбедносните сили се убиени во обновениот конфликт во овој регион.