Наесен ќе стигнат дел од парите од унгарскиот заем, опозицијата изразува загриженост, ССМ со порака да не се повторат грешките
Наесен се очекува да стигнат дел од парите од унгарскиот заем од половина милијарда евра што го најави премиерот Христијан Мицкоски. Владата уверува дека целата постапка ќе биде транспарентна и го задолжи Министерството за финансии да изготви закон за заемот, а претседателот на СДСМ Венко Филипче изрази загриженост за ваквиот заем и побара законското решение што поскоро да биде доставено до Собранието. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) пак, порачаа Владата претпазливо да постапува со планот да го помогне стопанството со овој заем и да не ги прави истите грешки како претходните влади.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во октомври ќе бидат достапни 250 милиони евра од унгарскиот заем за бизнис секторот, а општините со своите проекти ќе може да аплицираат исто така за 250 милиони евра на почетокот на идната година.
Од Владата велат дека ќе има контролни механизми како ќе се трошат овие пари, а првичниот план е средствата да се дистрибуираат преку комерцијалните банки без дополнителни трошоци.
- Ќе разговараме и со банките да видиме како втора опција овие средства бизнисот да ги користи преку комерцијалните банки без дополнителни трошоци доколку има интерес. Доколку видиме дека таму нема разбирање и се книжат дополнителни трошоци, тогаш ќе се обидеме преку Македонската банка за обнова и развој да ги пласираме овие средства, изјави вчера Мицкоски.
Според премиерот, компаниите нема да се делат, туку пари ќе добијат сите оние кои ќе ги исполнат условите.
Мицкоски го најави заемот за време на неговата посета на САД. Во изјава за медиумите тогаш Мицкоски рече дека е договорена специјална економска соработка со унгарската Влада со која Унгарија ќе и позајми на земјава пола милијарда евра под поволни услови односно со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Во телевизиско интервју за Телма во понеделникот, Мицкоски рече дека не знае од каде се обезбедени парите што Унгарија ќе и ги даде на земјава како заем. Битно е, како што рече, дека се работи за договор меѓу две влади. Заемот, како што рече, ќе биде дел од закон што ќе помине транспарентна процедура, на владина седница и во Собранието, „без претходно да се протне на шверцерски начин или на него да се лепат европски знаменца“.
-Ова е договор за специјална соработка, влада помеѓу влада, врз основа на нашите потреби. Тука се моето лично пријателство и разговорите што ги водевме изминатиот период и сега, дека ако бидеме влада ќе ни треба подршка и таа поддршка ја добивме. На Орбан треба да му дадеме орден, да го прогласиме за херој што ни помага, даде конкретна поддршка. Заемот е Влада со Влада, а дали тие пари Владата на Унгарија ги обезбедува на отворен пазар или од сопствени средства, не знам. Мене ме интересира договорот кој ќе биде дел од закон, а не шверцерски протнат, истакна Мицкоски во гостувањето на „Топ тема“.
Дел од медиумите вчера, повикувајќи се на унгарската Агенција за управување со државен долг, објавија дека Унгарија позајмила една милијарда евра од кинески банки на 19 април годинава.
Вчера на прес-конференција и лидерот на СДСМ Венко Филипче изрази загриженост за заемот и упати барање до Владата, што поскоро да го достави законот за заемот на разгелдување во Собранието. Според Филипче, нелогично е што за првпат во историјата на земјава се зема кредит од друга држава, а не од банки и финансиски институции, кои имаат гаранции кога станува збор за задолжување.
- Сосема е нелогично зошто една земја која нема пари да даде, туку се задолжува од друго место со многу поголема каматна стапка, на нас ни дава заем со помала каматна стапка. Се прашуваме дали се крие нешто зад тоа? Инсистираме Владата што побрзо да го даде законот за заем во Собрание, но и да се каже кое е потеклото на парите. Дали зад тоа можеби се крие некаква друга тенденција? Дали можеби идеја од некои компании во Унгарија да се преземаат тука кај нас, медиуми или компании, и тоа е дел од некаков договор? Зошто посегнуваме за првпат во историјата на нашата земја во билатерален договор да позајмуваме пари кога ние имаме аранжмани со Светска банка, соработуваме со Европска инвестициона банка, имаме потпишано програма со Меѓународниот монетарен фонд, рече Филипче.
Реагираа и од Сојузот на синдикатите на Македонија од каде упатија апел Владата претпазливо да постапува со планот да го помогне стопанството со 250 милиони евра и да не ги прави истите грешки што ги правеле претходните влади кои давале финансиска поддршка на компаниите.
-Синдикатите можат да имаат активна улога во контролата и во спречувањето на злоупотребата на овие средства ако главен критериум биде средствата да се доделат на компании кои го почитуваат социјалниот дијалог, немаат злоупотребено буџетски средства, не се казнувани за прекршување на работничките права и имаат синдикат на ниво на работодавач, а се во спротивно ќе биде поклон или злоупотреба, велат од ССМ.
Од ССМ појаснуваат дека не ја гледаат оправданоста работодавачите да добијат половина милијарда евра на поклон од државата (пари од кредитот и пари кои работодавачите не ги плаќаат во буџетот, а кои потоа ги враќаат и работниците и граѓаните), а Владата и работодавачите да имаат изговор за да не се зголеми минималната плата на 450 евра, како и да не се зголемат платите во приватниот и во јавниот сектор.
Ново на Сител
-
Заеднички воздушни вежби на Јужна Кореја, САД и Јапонија
-
СВР Скопје го расчисти убиството во Арачиново
-
Во Гевгелија измерени 14 степени, во Берово минус два
-
ЕК: Северна Македонија е во рана фаза на подготовкa за одржливо земјоделство
-
Русија соопшти дека синоќа соборила 19 украински беспилотни летала
-
Втор круг од претседателските избори во Молдавија
-
Бајден упати остри критики кон републиканците за Законот за заштита на пациентите
-
Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози