Македонија
19. November 2015 - 12:41

Национална конференција за учество на младите во донесувањето одлуки во образовниот процес

Во рамки на проектот „Застапување на младинска акција за учество во училиштата“, Коалиција на младински организации СЕГА организира Национална конференција за учество на младите во процесите на донесување на одлуки во образовниот процес во насока на обезбедување структурен дијалог меѓу младите и донесувачите на одлуки, што од денеска до недела ќе се одржува во Струга.

Целта на проектот, како што соопшти Коалицијата на младински организации СЕГА, е да се иницира структурирано учество на младите ученици и младинските организации преку граѓански дијалог со релевантните донесувачи на одлуки за овозможување правни можности за учество во образовните процеси.

На конференцијата треба да се донесат препораки, од кои ќе биде покрената иницијатива за измени и дополнувања во законот за средно образование, која  треба да ги опфати сите засегнати страни на национално ниво. Во предвидената методологија за процесот за покренување на иницијатива за измени и дополнувања во законот за средно образование, како што информира СЕГА, биле  реализирани 32 локални дискусии на кои учествувле ученици, училишен менаџмент, родители, претставници на младински организации и локални донесувачи на одлуки.

За потребите на иницијативата, Коалиција СЕГА воспоставила соработка со Младински образовен форум и Првата детска амбасада „Меѓаши“. Иницијативата е поддржана преку проектот од Детската фондација „Песталоци“ и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со проектот „Застапување за младинска акција за учество во училиштата“.

Коалицијата на младински организации СЕГА е формирана во 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади во Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. Коалицијата ја сочинуваат 28 членки.