Македонија
2. July 2024 - 16:42

На министерката за енергетика и е прифатено барањето за откажување од бугарското државјанство

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се откажала од бугарското државјанство неколку месеци пред да стане министерка во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Бугарски пасош поседувала поради работа во Европа, но пасошот веќе и е истечен и не побарала негово продолжување. Таа уверува дека откажувањето од бугарското државјанство и го прифатиле. 

- Да бидам прецизна до крај, моето барање за отпуст од бугарското државјанство беше прифатено, а сите неопходни документи предвидени во постапката беа соодветно поднесени. Дополнително, јас веќе ја информирав јавноста дека пасошот со кој располагав е со истечен рок на важност, а од моја страна никогаш не беше поднесено барање за негово продолжување. Ова говори повеќе од јасно за мојата одлучност да се откажам од бугарското државјанство, кое, како што посочив претходно, го поседував исклучиво заради моите деловни активности на територијата на ЕУ, вели Божиносвка за Сител. 

Но во бугарските медиуми се актуелизира темата. Насловите се: “Министерката од кабинетот на Мицкоски- да бев Бугарка” или “Министерка од Скопје призна дека е бугарска државјанка, не и се допаѓа „нашата контрапродуктивна политика“. 

Во некои од текстовите бугарските новинари пишуваат дека Божиновска иако изјавила дека се чувствува како Македонка, кога вадела бугарско државјанство морала да потпише во документите дека декларира дека има бугарско национално сознание. 

Законот во Македонија дозволува да се има двојно државјанство и иако има уште едно државјанство во друга земја, во Македонија се смета исклучиво за државјанин на земјава. Министерката Божиновска претходно во изјава за 360 степени, кажа дека поседува и чешко државјанство. Со бугарскиот пасош фигурирала како директорка на фирма во Хрватска.

Од ВМРО-Народна партија сметаат дека Божиновска се откажала од бугаркото државјанство под притисок на нејзините сопартијци и ја повикаа да го задржи за да докажат дека може да има и бугари во Македонија на високи позиции. 

„ВМРО-Народна партија смета дека владеачката структура многу повеќе ќе и помогне на Република Северна Македонија доколку министерката го зачува државјанството и пасош, со тоа ќе ја побие тезата на сите оние кои критикуваат дека во Македонија не може да функционираат Бугари на високи државни функции, а напротив вака само ќе ја повтрдиме тезата дека се што е бугарско во Македонија се „шиканира“, соопштија од партијата.

Покрај Божиновска, и вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи покрај македонското има и белгиско државјанство. Декларирањето на второ државјанство според Фетаи за високи функционери би требало да е норма, бидејќи нема ништо спорно ако се поседува две државјанства.