Македонија
29. July 2024 - 17:41

МВР за Сител: Нема повредени патници во запалениот автобус

Нема повредени патници во запалениот автобус на ЈСП, потврдија од Министерството за внатрешни работи за Сител. Aвтобусот се запалил во скопската општина Бутел, а пожарот го изгаснале од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје. Интервенирале со едно возило. 

Станува збор за автобус ЛАЗ од украинско производство. Според неофицијалните информации пожарот бил предизвикан од неисправна инсталација, но сепак истрагата ќе ги открие деталите. 

„Денеска (29.07.2024) околу 12 часот во СВР Скопје З.М., вработен во ЈСП, пријавил дека додека управувал автобус од Транспортен центар кон с. Бањани, на ул. Христијан Тодоровски Карпош во Скопје забележал дека автобусот има дефект, по што застанал и ги симнал патниците, по што настанал пожар во автобусот. Досега нема пријава за повредени лица“, соопштија од МВР за Сител.

Партиите не ја пропуштија приликата во пожарот да ја вмешаат и политиката. Од опозициската СДСМ, велат дека за расипаните автобуси виновни се од ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, тие се најголемие виновници за катастрофата која што му се случува на ЈСП и на целиот град. Тоа што автобусите гледаме дека се расипуваат и палат се исто така одговорност на ВМРО-ДПМНЕ и нивните пулени Игор Јанушев и Коце Трајановски кои ги набавуваа. Каде се 250 нови автобуси кои Мицкоски ги ветуваше? Ги нема заради тоа што пропаднаа бизнис зделките со Арсовска?“, стои во реакцијата на СДСМ. 

Од владејачката партија пак бараат директорот на ЈСП од СДСМ кој потпишал, како што велат, 27 милионски договор за нафта без попуст да каже зошто автобусите се палат.

„СДС заедно со Арсовска го окупираше ЈСП, правеа милионски договори за свои блиски фирми, се натплаќаа тендери, а сега прашуваат зошто се палат автобуси. Лошата состојба во ЈСП е резултат на СДС и Арсовска кои управуваат со градот веќе 7 година.

Скопје ќе има подобар транспорт со целосното заминување на СДС и Арсовска. А за сите криминали и незаконитости одговорност ќе има“, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Габриела Лескова