Македонија
4. December 2023 - 15:01

МВР: Против Палевски биле поднесени повеќе кривични и прекршочни пријави

Министерството за внатрешни работи преку соопштение информираше дека против Љупчо Палевски, кој е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, во минатото се поднесени најмалку пет кривични и неколку прекршочни пријави.

„Ја информираме јавноста дека во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник“, соопшти полицијата.

Оттаму додаваат дека во 2020 година против Палевски е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

„Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, соопшти МВР.