Македонија
9. December 2016 - 17:17

МВР го разгледува случајот со уверенијата за болни и немоќни лица за гласање на изборите

Министерството за внатрешни работи денеска информира дека постапува по пријава за незаконско издавање лекарски уверенија на граѓани со цел тие наместо во недела, на 11 декември, да гласаат во сабота, на 10 ноември, како болни и немоќни лица, во домашни услови. Во постапката, посочуваат од МВР, било утврдено дека некои од лицата се во добра здравствена состојба и оти одат на работа.

ОД МВР потенцираат дека до нив била доставена пријава на 2-ри овој месец во која било наведено дека постои сомнение оти доктор М.И., вработена во ЈЗУ „Геронтолошки завод 13 Ноември”, издала повеќе специјалистички извештаи за пациенти со невистинита содржина за нивната здравствена состојба (неподвижен) од што, како што велат од Министерството, произлегува сомнение за сторено кривично дело „Издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение”.

- Од извршениот увид во доставената документација во прилог на пријавата е констатирано дека М.И. на ден 25 ноември 2016 година во временскиот период од 12:34 до 15:43 часот издала 15 специјалистички упати и 15 специјалистички-субспецијалистички извештаи, а на ден 28 ноември 2016 година во временскиот период од 11:11 до 11:38 издала 14 специјалистички упати и 14 специјалистички-субспецијалистички извештаи, се вели во соопштението од МВР.

Оттаму информираат и дека се извршени проверки од страна на МВР во Државната изборна комисија на Република Македонија, при што било констатирано дека лицата наведени во Барањето до Општинска изборна комисија на Општина Ѓорче Петров имаат доставено Известување со кое ја известуваат Општинската изборна комисија дека од здравствени причини не се во можност да го остварат своето избирачко право на избирачкото место на кое што треба да гласаат на претстојните парламентарни избори во Република Македонија што ќе се одржат на 11 декември и воедно барат ОИК да им овозможи да гласаат во домашни услови.

Во прилог на известувањето била доставена и медицинска документација, односно извештај на специјалистот-субспецијалистот од ЈЗУ” Геронтолошки завод 13 Ноември-Скопје”, заверен со факсимил и потпишан од М. И.

- МВР изврши службени разговори со директорот на ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември”, со докторката М.И., како и со членовите на комисијата која ги посетувала подносителите на барањата во нивните домови и констатирала дека се „болни и неподвижни“, Ј.Ј, Л.Ј. и П.М., сите вработени во оваа институција како медицински лица. По преземањето на повеќе оперативно-истражни мерки констатирано е дека дел од лицата на кои од ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември - Скопје” им се издадени специјалистички извештаи со дијагноза „не се движи, односно тешко се движи” и од нивна страна се употребени во Државната изборна комисија, всушност се во добра здравствена состојба, а некои од нив редовно одат на работа, се вели во соопштението.

Во текот на денешниот ден едно од овие лица, вработено во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, велат од МВР, е затекнато на работното место од страна на полициските службеници и е повикано  на службен разговор во полициска станица. Во тек е проверка на останатите лица за кои се издадени вакви специјалистички извештаи. По завршување на истрагата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против сите инволвирани лица.