Македонија
18. February 2025 - 17:03

Коцевски: Ако имам дисциплинска повреда, нека ме разрешат

Државниот обвинител смета дека не постојат причини за негово разрешување. Тврдењата на владата и мислењето на Министерството за правда за незаконско работење, пристраснот и влијание, според Коцевски, не укажувале дека тој сторил тешка дисциплинска постапка која според законот за јавно обвинителство се казнува со разрешување.

„Доколку се утврди дека се работи навистина за тешка дисциплинска повреда како што е во законот, јас навистина ќе се повлечам. Она што досега го слушнав во јавноста, што да коментирам, само дека тука нема никаква дисциплинска тешка повреда во однос на моето работење“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.  

Во својата изјава за медиумите, Коцевски неколкупати го спомена Законот за јавно обвинителство во кој се наведени условите за разрешување. Чекал да го види предлогот на владата, тврди дека тој ги почитува законите, а доколку се утврди дека ги прекршил, спремен е да замине од функцијата. Не одговори конкретно дали предлогот за разрешување го гледа како политичка смена.

„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и се уште ќе работам согласно законот. Условите доколку се исполенети согласно законот за јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно законот за јавно обвинителство јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или на незаконит начин“, изјави Коцевски.

Владиниот предлог за разрешување на Коцевски дојде откако тој назначи времен шеф на Вишото обвинителство во Скопје. По една недела од именувањето на Наташа Крстевска Цалева, таа вчера писмено го известила Советот на обвинители дека не сака да ја извршува функцијата. Сакала да работи на конретни предмети.

„Пристигната е молба од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје кој е определен да раководи со тоа јавно обвинителство додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител. Ние ќе ја разгледаме молбата и на наредната седница ќе донесеме одлука“, изјави Душица Димитриеска, Претседател на Совет на јавни обвинители.

Предлогот за разрешување на Коцевски ќе го разгледува и Советот на обвинители. Дава позитивно или негативно мислење кое го испраќа до владата. Постапката продолжува во собранието, каде се потребни 61 пратенички глас за разрешување на државен обвинител.