Македонија
12. јуни 2024 - 16:38

МОН препорача да се скратат часовите за основците поради топлото време

Скратени часови за основците препорача министерството за образование. По бројните реакции на родители заради високите температури кои ја зафатија земјава од МОН се одлучија на ваков чекор, но посочуваат да се внимава да се запази суштината на материјалот кој се изучува, а училниците постојано да се проветруваат.

- Да се насочуваат учениците и да им се дава можност да конзумираат поголемо количество на вода. Да им се препорача на учениците да не конзумираат масна храна и храна која содржи поголемо количество на шеќери за време на училишниот ден, препорачуваат од министерството согласно здравствениот акциски план за прененција од топлотни бранови.

 Во меѓувреме горештините ги вжештија телефоните во скопската брза помош. Од викендот во службата регистрираат и по 400-тини повици за едно деноноќие. Екипите интервенирале на 10-тина колапси, а се бележат и зголемен број сообраќајни несреќи, срцеви и мозочни удари.

- Топлото време го зголеми и бројот на интервенции на сообраќајни несреќи, учесниците во сообраќајот поради високите температури имаат намалена концентрација, изјави д-р Милица Бубало, раководител во Службата за итна медицинска помош Скопје.

Од скопската брза помош советуваат граѓаните да ги почитуваат општите препораки и да не излегуваат надвор во најтоплиот периот од денот, а хронично болните редовно да си ја земаат терапијата, но и да се консултиураат со матичните доколку е потребно да се корегира.

- И внимателност со користењето ан клима уредите да нема голема разлика во температурата, зошто тогаш најчесто се случуваат колапси посебно кај повозрасните граѓани, вели д-р Бубало.

Од УХМР пак за утре попладне и во петок најавуваат дожд и невреме, како и благ пад на температурите, но истите од недела повторно ќе имаме многу топло време.