Македонија
18. April 2024 - 16:37

Младите се пречесто на социјалните медиуми – не пребаруваат за политика

Младите во државата се зависни од социјалните медиуми. Една четвртина од нив се во критичната група за кои денот почнува и завршува со Инстаграм или Фејсбук, а рутина е постојано прегледување на коментари и лајкови при поставување на одредена слика на профилите. Овие податоци се дел од Анкетата на Институтот за комуникациски студии во пресрет на претседателските и парламентарните избори, чија цел е да се утврдат навиките за користење на медиумите и вестите кај младите луѓе. 

Според дадените одговори во анкетниот прашалник, младите за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако над половината одговориле дека можеби споделиле информација без да знаат дека е неточна. 

Дури за 64 проценти од испитаниците политичките партии се креатори на дезинформации, а дел се изјасниле и за Владата. 

Анализата покажа дека за 50 проценти од младите испитаници, телевизијата и весниците се медиуми каде што поголем дел информации се вистинити, додека, пак, само 20 проценти се изјасниле дека истото го има и на онлајн порталите. 

Од одговорите во анкетата, политичките теми и случувања во државата не се интересни за младите, а теми на интерес се образование, култура, но и криминал и корупција. 

Анкетниот прашалник беше спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики.