Македонија
14. January 2020 - 16:35

Мизрахи во работна посета на ЦСР во Тетово и Гостивар

Прва и основна цел на Центрите за социјална работа е од тука да излезат задоволни странки посебно затоа што станува збор за лица кои се најчесто во некаков ризик или, пак лица коишто имаат потреба од подадена рака од државата од одреден момент во нивниот живот, порача денеска техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи при работната посета на Центрите за социјална работа во Тетово и во Гостивар.

Таа во ЦСР Тетово оствари средба со директорот на центарот Дарко Обадиќ, а во ЦСР Гостивар со директорката Нада Величковска.

Од Министерството за труд и социјала политика соопштија дека на средбите Мизрахи се интересирала за условите во коишто работат Центрите и начинот на работа со странките кои бараат услуги од нив.

– Мизрахи ги слушна и проблемите и предизвиците со кои се соочуваат вработените во овие центри. Тие се детектирани, и таа вети дека сѐ што е во нејзина моќ и во рамки на законите ќе биде преземено за вработените да добијат подобри услови за работа бидејќи ако се тие задоволни и странките ќе бидат задоволни од нивните услуги, наведоа од МТСП.