Македонија
14. јуни 2024 - 16:44

Милошоски, Бендевска и Митрески избрани за потпретседатели на Собранието

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ со 69 гласа „за“, Весна Бендевска од ЗНАМ со 70 и Јован Митрески од СДСМ со 82 гласа се новите потпретседатели на Собранието, откако на понеделничката координација беше постигната согласност меѓу власта и опозицијата за замениците на Гаши.

Од тројцата потпретседатели, денеска во парламентот заклетва положија само двајца – Бендевска и Митрески, додека Милошоски бил отсутен поради болест. Но, тие различно го изговорија името на државата, Бендевска користејќи РС Македонија, а Митрески – целото уставно име. 

Претходно на инаугурацијата за претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова во заклетвата изговори само Македонија.

Комисијата за избори и именувања пак, утринава ја потврди апанажата за уште 7 пратеници од претходниот состав. Со тоа дури 36 пратеници,или ¼ од составот една година ќе земаат по 2000 евра месечен надоместок од државата. Иако побарале, апанажа со потврда од Собранието нема да добијат тројца членови од кабиентот на екс-претседателот Пендаровски. Им било вратено барањето со образложение дека не се работи за избрани и именувани лица од парламентот.

Претседателот на Комисијата Ѓоргија Сајкоски пак, потврди и дека ги потпишал решенијата за првата плата на актуелните народни избраници. Меѓу нив е и решението на Талат Џафери, иако тој овој месец ја извршува функцијата на технички премиер до изборот на новата влада.

Во меѓувреме пак, партиите од владејачкиот блок почнаа да ги потврдуваат имињата на идните министри што треба да се најдат на списокот на мандаторот Мицкоски. Сепак, нивните имиња засега јавно ги објавува само БЕСА.

„Собранието на Движењето БЕСА одлучи Фатмир Лимани да биде кандидат за министер за Социјална Политика, Демографија и Млади, Бесар Дурмиши за министер за Економија и труд, додека Седат Сулејмани е кандидат за заменик министер за Култура и Туризам“, соопштија од партијата на касами.

Вечерва заседаваат највисоките тела на ЗНАМ на Максим Димитревски кои треба да ги yтврдат кандидатите за министри за правда и за администрација. 

ВМРО-ДПМНЕ пак, седниците на Извршниот и Централниот комитет ги закажа за недела попладне.

Мицкоски веќе најави дека предлог Владата ќе ја достави до парламентот во вторник, на на 18-ти јуни. Седницата за избор пак, се планира за викендот потоа или пак за почетокот на наредната недела.