Македонија
17. јуни 2024 - 21:16

Што доби, а што загуби Македонија од договорот од Преспа?

Шест години по потпишувањето, Преспанскиот договор повторно во фокусот на јавноста во Македонија и во Грција. Промената на власта во Скопје и изборите во Грција повторно го дигнаа Договорот од Преспа на пиедесталот на политичката реторика во двете држави.

За едни ова е штетен договор, за други е решавање на нерешливо прашање кое ја блокираше иднината на државата. Што доби, а што загуби Македонија од Договорот од Преспа?
-Најлесно беше да се затвори еден спор на штета на едната страна. Во случајов македонската страна. И доколку претходните влади сакаа да го затворат ова прашање можеа да го сторат истото. Меѓутоа, дури ни владите предводени од СДСМ не се одлучија на таков чекор каков што направи Владата во 2018 година. Во контекст на имплементацијата на Договорот можеме да кажеме дека еве постојат различни гледишта и од наша страна и од грчка страна и тоа ќе биде веројатно темата којашто ќе се дискутира во месеците кои што доаѓаат. Секако дека овој спор беше на штета на македонската страна. Беа исполнети сите грчки барања, а она што беше национален интерес на македонскиот народ и на Македонија не беше доволно заштитено.

-Со овој Договор беа решени еве би рекол 30-годишни проблеми со кои беше оптоварена државата и пред се, билатералните односи кон јужниот сосед како и евроантлантските интеграции. Нормално дека сите ние кои размислуваме за овој проблем и коишто знаеме што значи дипломатско преговарање и дипломатија. Во дипломатијата никогаш немате теза win-win. Значи, иако и јас би сакал да се викаме Република Македонија, како и многу други. Сепак, принципот win-win не е прифатлив во денешното преговарање. 

Можеше ли да се испреговара подобар договор со кој Македонија би добиела повеќе? Ружин смета дека клучна улога одиграла меѓународната поставеност на Грција.
-Едноставно не треба да заборавиме дека нашиот сосед е членка на Европската Унија и на НАТО во тоа време. Ние не бевме членка и секако нема да претерам ако кажам дека дејствуваше од позиција на сила. Ние како новодојдена членка, како независна држава практично по распаѓањето на Југославија се најдовме во таква позиција и долгогодишните одлагања околу името доведоа до огромни губитоци на нашите евроатлантски интеграции, вели Ружин. 

Наумовски, пак, смета дека неуспешниот референдум кој беше признат и од тогашната влада, но и од меѓународната заедница, требал да биде знак на Владата македонскиот граѓанин не се согласува со него.
-Тоа требаше да биде јасен сигнал за тогашната влада да не продолжува со потпишувањето на овој штетен Договор. Наместо тоа требаше да се продолжи кон еден инклузивен пристап во однос на останатите политички партии со вклучување на академската заедница и експертите на сите полиња, да се направи обид да се постигне еден подобар договор. На меѓународната заедница и на НАТО во суштина им беше важно да се затвори ова прашање и да се реши овој спор, без разлика кој ќе добие, а кој ќе изгуби повеќе од тоа решение. Нашата влада и нашите претставници требаше да водат сметка за нашите национални интереси, исто така како што, грчките претставници водеа сметка за интересите на Грција, вели Наумовски. 

Преспанскиот договор повторно ја бранува јавноста откако претседателката на државата ја изостави „Северна“ при давањето свечена изјава, а најава за користење „Македонија“ во јавните настапи испрати и мандатарот за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски. Овие потези предизвикаа бурни реакции и надвод од државата, особено во Грција, која е пред избори.