Македонија
24. February 2025 - 13:34

Мицкоски: Владата ќе ја отпочне постапката за разрешување на јавниот обвинител

Постапката за разрешување на државниот јавен обвинител ќе трае неколку недели, а можеби и месеци, согласно законот, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, за тоа дали на утрешната владина седница ќе се разгледа и прифати предлогот за разрешувањето на Коцевски, појасни дека Владата не може да го разреши, туку може само да ја отпочне постапката.

- Апсолутно не можеме ние како Влада да го разрешиме, туку можеме да ја отпочнеме постапката. Како што имам информација треба да се испрати дописот до Советот на јавни обвинители, па таму во рок од 15 дена да чекаме мислење. Оваа процедура ќе потрае, нема да заврши инстант брзо. Таков е законот, рече Мицкоски.

И вчера премиерот се осрвна на постапката на разрешување на Љупчо Коцевски, но одговори и на прашање за интерпелациите на членовите на Судскиот совет, напоменувајќи дека двата процеса се паралелни, а процедурата е тргната и нема сопирање.  

- Министерството за правда е задолжено да достави како ќе оди процедурата. Задутре на владина седница тоа ќе го поминеме. Процедурата е тргната, нема сопирање. Да одиме чекор по чекор. Штотуку слетав, пред 15 минути. Да ме избрифираат соработниците што се случуваше. Следно е Судски совет, тие два процеса се паралелни, едно со друго не се во колизија, нагласи вчера Мицкоски.