Балкан
3. October 2021 - 8:10

Мета: Моето разрешување e политичко прашање, воопшто не сум вознемирен

Уставниот суд на Албанија на 14. месецов треба да ја испита уставноста на одлуката на Парламентот за разрешување на шефот на државата Илир Мета, јави дописничката на МИА од Тирана.

Од Поградец, каде што денеска престојуваше, претседателот Мета одговарајќи на новинарско прашање рече дека неговото разрешување е политичко и оти тој воопшто не е вознемирен. – Јас сум смирен, тое е политичко прашање. Ќе продолжам доследно и со голема одговорност да работам, во согласност со уставните надлежности и во интерес на народот и државата до 24 јули 2022 година. Кога ќе ми заврши мандатот ќе продолжам да бидам активен во албанската политика, рече Мета.

Тој додаде дека е многу горд на целата своја активност во одбрана на Уставот на Република Албанија, која, според него, била нападната на најнепријателски и најпредавнички начин од надворешни и внатрешни фактори „за да ја имаме денес Албанија во една воопшто непосакувана ситуација, исто така и во однос на евроинтеграциските процеси“. – Собранието требаше да ги отвори преговорите на време, доколку беа земени предвид предлозите и напорите на Претседателот низ годините за надминување на добро структуираните кризи, нелегалните локални избори, така и по заробувањето на Уставниот суд на криминален начин, како што потврди и самата Венецијанска комисија претходно, рече Мета. Претходниот состав на албанскиот законодавен дом Мета го разреши на 9 јуни годинава, со 104 гласа „за“, седум против и три воздржани, што е прв случај во тридеценискиот плурализам во земјата