Свет
6. February 2025 - 14:27

Мерсие: Отвореното писмо на Кос за случувањата во Србија не е порака кон студентите

– Отвореното писмо на еврокомесарката за проширување Марта Кос за случувањата во Србија не е директна порака кон студентите, туку општо објаснување што значи пристапувањето кон ЕУ, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.

 – Во него се наведни ставовите за политичката ситуација.

Еврокомесарката Кос ја нагласува важноста на слободата на собирање како фундаментална вредност на заедничкиот европски проект кој мора да се почитува, изјави Мерсие.

 Тој нагласи дека Кос во писмото истакнува дека и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен наведе дека поддршката за напредокот на Србија на европскиот пат и нејзиното приклучување кон Европската Унија остануваат приоритет на ЕУ, како и дека процесот на пристапување кон блокот бара интензивни напори од целото општество и тој треба да биде национален проект на кој работат сите.

 Во однос на отворањето нови три поглавја од Третиот кластерот од преговорите за членство на Србија, Мерсие истакна дека Унијата останува на ставот потврден на декемврискиот Самит на блокот, дека за да се случи тоа Белград мора да постигне суштински напредок во нормализација на односите со Косово и во усогласување со надворешната политика на ЕУ.

 На прашање зошто Европската комисија не испрати соопштение или објава на социјалните медиуми дека Фон дер Лајен имала телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмекер само потврди дека таков разговор бил одржан, но не соопшти детали за неговата содржина.

 Инаку, во отвореното писмо Кос нагласува дека неодамна добила неколку дописи од членови на српската Академија, политички претставници и граѓански организации во кои се изразува загриженост за моменталната ситуација во Србија.

 – Будно ги следам протестите во Србија. Сакам да одговорам на изразената загриженост и да потсетам за што се залага Европската Унија.

Основните вредности се во сржта на нашиот заеднички европски проект и треба да се почитуваат. Слободата на собирање е основно право што мора да се почитува.

Тоа мора да се спроведува мирно и во согласност со законот, наведува Кос.

 Таа додава дека сме сведоци на „инциденти против демонстрантите“ и дека ЕУ очекува целосна, непристрасна и брза истрага за нив.  – Не треба да се толерира насилство.

Очекуваме српската полиција да продолжи да ја гарантира безбедноста на демонстрантите. Јазикот што поттикнува насилство и недостигот на меѓусебно почитување не може да биде решение, вели Кос.

 Еврокомесарката во писмото додава и дека за ЕУ и за Фон дер Лајен приоритет останува поддршката за Србија во напредокот на нејзиниот европски пат и за зачленување во Европската Унија.

 – Патот до членство во ЕУ опфаќа реформи кои ги зацврстуваат нашите заеднички вредности во законодавството и практиката.

Патот на Србија кон Европската Унија нуди решенија за многу прашања кои се во центарот на дискусијата денес.

Реформите кои се дел од процесот на пристапување во ЕУ ќе ја зајакнат борбата против корупцијата, ќе обезбедат независност на судството и одговорност на институциите, ќе ја промовираат слободата на медиумите и плурализмот и ќе ги подобрат условите за избори.

Доколку се спроведат правилно, овие реформи ќе имаат трансформативен ефект од кој корист ќе имаат сите граѓани и ќе ја доближат Србија до Европската унија, нагласува Кос во писмото.

 Според неа, процесот на пристапување во ЕУ бара интензивни напори од целото општество и тоа треба да биде национален проект на кој ќе работат сите – Владата, Парламентот, опозицијата, граѓанското општество, секој регион, град и село, и на крајот на секој граѓанин во земјата.

– Важно е да се воспостават услови за инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, политички актери, институции и членови на граѓанското општество за решавање на реформите кои се неопходни за европската иднина на Србија.

Ова ќе го зајакне српското општество и ќе го консолидира патот на Србија кон членство во ЕУ, заклучува Кос во писмото.