Мерки на претпазливост за пијаниот возач кој завчера удрил девојка на пешачки – Во февруари казнети 23.844 возачи
Привремено одземање на возачката дозвола, патната исправа и забрана за напуштање на живеалиштето му определи судот на 47- годишниот пијан гостиварец кој во саботата ноќта со автомобил удрил и тешко повредил 25- годишна девојка од Битола на пешачки во Скопје. Кривично ќе одговара за тешки дела против безбедноста на луѓето имотот во сообраќајот.
- Возилото го управувал со алкохол од 1,35 промили, со брзина поголема од дозволената и не забавил и не запрел на обележаниот пешачки премин. Од тие причини, со предниот дел од возилото удрил во левата страна од телото на една оштетена која како пешак попречно го преминувала коловозот на пешачкиот премин. Од ударот жртвата се здобила со тешки телесни повреди – скршеница на долни екстремитети, соопшти обвинителството.
Девојката е пренесена и хоспитализирана на Скопските клиники и е надвор од животна опасност, информираат од Клинички.
Алармантна статистика денеска стигна од МВР. Само во февруари казнети се речиси 24.000 возачи. 2.059 возеле без возачка дозвола, 617 под дејство на алкохол, а дури 7.473 возачи возеле со поголема брзина од дозволената, останатите зборувале на мобилен или погрешно паркирале. Санкционирани се и 475 пешаци.
И викендот при засилени контроли изречени се голем број казни на несовесни возачи.
- Полициските службеници во сите сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР изрекле вкупно 1.278 платни налози и притоа без возачка дозвола биле затекнати 126 возачи, а пак 144 возачи возеле под дејство на алкохол. Исто така, евидентирани се и 238 прекршоци по основ на пребрзо возење, 79 лица не користеле сигурносен појас, 37 возачи користеле мобилен телефон, 14 минале на црвено светло, а прекршочно биле санкционирани и петмина пешаци, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Викендот обвинителството соопшти дека дало насоки на МВР за поефикасен кривичен прогон на возачите кои го загрозуваат сообраќајот.
- Доколку возачот управува автомобил без возачка, помине на црвено, вози над дозволеното или пијан, во спротивна насока, на двојна полна линија или избегал од местото на несреќата и не укажал помош, полицијата веднаш ќе треба да го извести јавниот обвинител и по итна постапка обвинителот во рок од 24 часа да одлучи дали лицето ќе биде обезбедено, информираа од ОЈО.
Претходно, по смртта на младата девојка од Неготино која беше усмртена пред месец дена на пешачки кај Универзална додека поминувала на зелено, семејството и граѓаните на неколку протести бараа системски промени и правда за Фросина и сите жртви во сообраќајот.
Преку допис до медиумите семејство и на девојка од Тетово бара јавноста утре да го следи повторениот судски процес против возачот кој во август 2022 ја прегазил нивната Теодора додека поминувала пешачки премин, а од здобиените повреди починала.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар