Македонија
1. јуни 2025 - 16:47

Арсовска добила нови закани, Мицкоски повика МВР и ОЈО да постапат по пријавите

Арсовска објави видео како се копа на диво за приклучок во канализациона мрежа на булевар Словенечка. Скопската градоначалничка наиде на работници кои копаат и поставуваат цевки без дозвола. Додека Арсовска го снимаше дивото приклучување, рече дека лица со два бели мерцедеси неовластено ја снимале и и се заканувале. Случајот се обидела да го пријави во полиција, но оттаму тврди дека им спуштиле телефон.

Од МВР велат дека полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. 

Во врска со дивоградбите во Чаир кои ги обелоденува Арсовска и заканите кои ги трпи,  премиерот порача законите да важат за сите. 

„Јас го охрабрувам Јавното обвинителство да постапува по пријавите од градоначалничката Арсовска. Ние не можеме да постапуваме или да не постапуваме, и законот треба да важи за секого. Мене ми е жал ако градоначалничката добива закани по живот, и ја охрабрувам истите тие да ги пријави во МВР, а МВР да постапува по истите“, вели Мицкоски.

Мицкоски ги потврдува обвинувањата од ВРЕДИ дека Арсовска се користи како политички инструмент на ДУИ за дестабилизација пред локалните избори. 

Арсовска му возврати на премиерот да престанат со приказната за дестабилизација бидејќи никој не верува во тоа и рече доколку нешто и се случи сите ќе знаат дека тоа доаѓа од него и во функција за спас на ВЛЕН.

Арсовска по повик од институциите поднесе во ОЈО документи за да ги пријави сите нерегуларности со објекти кои ги открила со инспекторите.