Свет
9. January 2017 - 20:09

Меркел се заложи за забрзување на депортацијата на мигрантите од Германија

Германскиот канцелар Ангела Меркел повика на забрзување на депортациите на мигрантите кои не добиле азил во Германија, пренесе ДПА.

- Искуството покажува дека властите можат многу побрзо да решат дали кандидатите за азил можат да останат во Германија и дали нивните земји на потекло се доволно безбедни за да бидат вратени во нив, рече Меркел на прес конференција денеска во Берлин.

Меркел ја зафати и темата за Брегзит, предупредувајќи дека при непридржување кон  принципите на ЕУ од страна на Велика Британија по излезот од Унијата, на земјата ќе и бидат наметнати ограничувања, пренесе ТАСС.

-Досега ЕУ се немаше судрено со напуштање на така важен партнер како Велика Британија. Според мене, многу е важно на преговорите (за Брегзит) од една страна јасно да кажеме дека сакаме да ги задржиме нашите добри односи со Велика Британија, а од друга страна јасно да дадеме до знаење дека пристапот до заедничкиот европски пазар ќе биде можен само доколку таа ги задржи четирите основни слободи - слободата на движење на луѓето, стоките, услугите и финансиите. Во спротивен случај, ќе се наметне потребата да зборуваме за ограничувања, рече Меркел.